Пожарот над Кочани е под контрола и нема опасност за куќите, но не е локализиран, вели директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов. Пожарот го гаснат 400-тин луѓе, а покрај пожарникарите од Кочани, Виница, Штип и Македонска Каменица, помагаат и луѓе вработени во локалните самоуправи обучени за интервенции во вакви ситуации.

Според Ангелов, армискиот хеликоптер го гаси пожарот од воздух, а ќе се интервенира се до стемнување. Пожарот според Ангелов ќе остане активен бидејќи зафаќа поголема површина.

На планината гори борова шума, а покрај високите температури дополнително ситуацијата ја влошува и ветерот.

Огнената стихија, како што пренесе МИА попладнево, брзо се шири и стигна до фабриката за вода за пиење и до куќите во нејзина близина со што ја загрозува безбедноста на неколку населби во североисточниот дел на градот

Од Територијалната противпожарна единица во Кочани информираат дека дејствуваат со сите расположливи човечки и материјални ресурси, но проблем е што огнената линија е раширена во пречник од околу десетина километри

Два хеликоптера на Армијата полетаа од базата во Скопје кон Кочани за да се вклучат во гаснењето на пожарот кој се шири кон куќите во северниот дел на градот, објавија од Општина Кочани.

Во гаснењето на огнот се вклучени и противпожарните единици, јавните претпријатија, полицијата и други државни служби, како и месното население.