Хеликоптерите и ер-тракторите веќе не го гаснат пожарот на планината Серта кој е веќе раширен на линија од 30 километри. Чадот ги оневозможува леталата да ја постигнат потребната висина за гаснење.
Додека во штипскиот дел на планината Серта пожарите што се на неколку локации никако да стивнат, Авто мото сојузот на Македонија попладнево информира дека поради пожарите затворен за сообраќај е регионалниот пат Неготино-Штип кај селото Пепелиште.
Штипското комунално претпријатие „Исра“ апелираше граѓаните да бидат претпазливи бидејќи два пожари за само четири дена сe регистрирани на градските гробишта во Штип. Дневните температури кои надминуваат 40 степени ја прават состојбата уште поопасна.
Пожарот во Битола е делумно ставен под контрола. Спречено е тој да се прошири кон селото Раштани, потврди за МИА, заменик командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Битола, Горан Димкоски.
На пожарот се делува и од воздух. Интервенираат пет авиони „ер трактори“ и еден канадер. Во гаснењето вклучени се и 35 пожарникари од ТППЕ – Битола, доброволци, лица од јавни претпријатија, доброволни друштва.
Можеби ќе ве интересира
Денеска се очекуваше по 15 часот за гаснење на неколкуте пожари кај штипскиот дел на планината Серта да дејствуваат македонските и турските „Ер трактори“, но според информациите, тие се повторно вратени на пожарот кај Битола, појаснува командирот на ТППЕ Штип, Благој Ренџов, за МИА.
– Направивме сеча на дрвја со цел да не се префрли пожарот кон приватното ловиште. Жално е да изгоре толкав голем број на дивеч. Пожар има и над Драгоево, тоа е ридот Штракалево кон полигонот Пенуш. Овде пожарот оди во два правци кон доловите, појаснува Ренџов во изјава за МИА.
Тој посочува дека воздушна поддршка сè уште нема во овој дел на планината Серта. Претпладнето на координативниот состанок беше побарано да се дејствува од воздух, поради непристапниот терен.
– Пожарот делумно е ставен под контрола. Има уште една точка што ни е надвор од контрола, затоа што станува збор за непристапен терен. Нема опасност за куќи или викенд населби. Нема загрозени имоти и лица. Тоа го спречивме. Ако не го спречивме, одеше кон селото Раштани, појасни Димкоски.