Пожарот на планските ридови помеѓу беровските села Будинарци и Митрашинци, се уште е активен, но под контрола, зашто како што информираат од ЦУК, спречено е понатамошно неконтролирано ширење.
Се дејествува од земја и воздух на просторот кој се уште тлее и гори. Од утринава во гаснењето е активиран полициски хеликоптер со ведро за гаснење пожар. Наместо од Беровското езеро, сега хеликоптерот црпи вода од импровизиран базен во близина на село Будинарци, кој го направија противпожарните единици.
Со ова времето на дејствување е скратено за 3 пати, зашто не мора постојано да оди до езерото. Во акцијата за целосно локализирање на пожарот вклучени се 20 лица од ДЗС, 35 вработени во шумските стопанства и локалното население.
Вчера во текот на попладневните часови интервенираше и ер –тракторот на ДЗС. Според првичните проценки на ТППЕ од Берово, огнените јазици зафатиле околу 50 ха дабова и борова шума.
На терен, во гаснење на огнената стихија на помош пристигна противпожарните единици од Делчево и Кочани и шумските стопанства од Пехчево, Радовиш и Виница, со вкупно 12 возила и 50-тина лица.