Од Дирекцијата за заштита и спасување предлагаат преземање мерки на државно ниво во однос на состојбата со пожарите додека, како што велат оттаму, ситуацијата не излегла надвор од сите рамки.

Оттаму информираат дека и покрај секојдневните апели до населението и релевантните служби пожари се уште се подметнуваат и ја загрозуваат природата и луѓето.

Денеска, како што соопштуваат е интервенирано и изгаснат е пожар во Липково каде биле исфрлени 25 тони вода.

-После неколку неделно активно интервенирање на повеќе локации во државава, и денеска, Одделението за специјализирани услуги со воздухопловни пилоти и технички персонал при Дирекцијата за заштита и спасување, делуваше на гаснење шумски пожар на отворен простор, на реонот на општина Липково во подрачјето на селата Никуштак-Виштуца-Матејче, наведуваат во соопштението од Дирекцијата.