Жената која вчера настрада во сообраќајката во Скопје е 66-годишната Ленче Јованова, археолог, објавија нејзините колеги.

„Со големо неверување ја примивме веста дека нашата колешка Ленче Јованова во текот на вчерашниот ден во немил настан на 66 годишна возраст го загуби својот живот. Таа беше долгогодишен член на Македонското археолошко друштво и кустос советник во Музеј на град Скопје. Јованова остави длабока и неизбришлива трага во македонската археологија истражувајќи ги културните хоризонти на античкиот град Скупи. Нејзиниот интерес беше насочен кон проучување на римската материјална култура“, објавија нејзините колеги.

Таа е автор на бројни изложби, каталози, статии, студии.

„Јованова засекогаш ќе остане во нашите сеќавања како врвен и искусен професионалец кој со огромна посветеност го промовираше македонското културно наследство во земјава и светот“ објавија од Македонското археолошко научно друштво.

Како што објавивме, Јованова настрада вчера кога на улица во Скопје беше удрена од градежна машина – багер.