Бугарската министерка за правда Цецка Цачева денеска поднесе оставка откако медиумите објавија дека таа и уште тројца функционери од владејачката партија на десен центар ГЕРБ купиле луксузни станови под пазарната цена.
Утрово, премиерот Бојко Борисов ја прифати нејзината оставка.
Оставка денеска поднесе и заменичката на министерот за спорт Вања Колева, додека Цветан Цветанов, шеф на пратеничката група на ГЕРБ тврди дека нема ништо спорно при купувањето на станот.
Аферата изби кон почетокот на неделата, кога бугарската редакција на Радио Слободна Европа и една невладина организација за борба против корупција објавија дека функционерите минатото лето купиле луксузни станови во Софија под пазарната цена.
Цачева велеше дека не сторила ништо погрешно и побара антокорупциската комисија да го испита случајот. Вчера, антокорупциската комисија покрена истрага за становите кои се купени од иста градежна фирма.