По одлуката на Данска целосно да прекине со употребата на вакцините „AстраЗенека“ против коронавирус, Чешка веднаш се понуди дека е подготвена да го земе вишокот залихи од полиците во Копенхаген, пренесе ДПА.
„Подготвени сме да ја купиме вакцината „АстраЗенека“ од Данска“, напиша на Твитер чешкиот министер за внатрешни работи, Јан Хамачек.
Вакцината „АстраЗенека“ во последните неколку недели се најде на удар откако се зголемија стравувањата дека нејзината употреба може, во ретки случаи, да резултира со смртоносни внатрешни тромбози. Неколку земји веднаш ја ограничија нејзината употреба врз одредени возрасни групи. Но, Данска отиде чекор натаму и засега ја прекина целосната употреба на оваа вакцина во кампањата за имунизација, пренесува ДПА.
Понудата на Чешка јасно става до знаење дека некои земји, сепак, се повеќе од задоволни да продолжат да ја користат „АстраЗенека“. Меѓутоа, засега не е јасно дали таква продажба меѓу двете земји ќе биде дозволена според правилата на Европската унија. ЕУ првично го презеде лидерството во набавката на вакцините за нејзините земји-членки.
Како и да е, се уште не е јасно дали дозите од Данска се на продажба. Данска денеска не ја исклучи и можноста на крајот да дозволи вакцината „AстраЗенека“ да ја врати во употреба.
Чешкиот министер Хамацек, кој истовремено го предводи и Министерството за надворешни работи, истакна дека владите го пребаруваат светот по вакцини. Тој кажа дека планира во понеделник да отпатува за Москва за да дознае за резервите на „Спутник В“.
Чешката Влада е остро критикувана за бавниот одговор на потребата за вакцинирање. Досега се целосно вакцинирани 768.250 жители од вкупно 10,7 милиони чешко население.