Има една интересна изрека дека „Правдата е слепа ама добро гледа во темнина“. Можеби некаде е така, но не во Македонија.

Во изминатиов период гледаме сé повеќе небулозни судски пресуди и неминовно е прашањето што секој од нас си го поставува, а тоа е што се случува со македонското судство. Имаме пресуда од 4 месеци за убиството во Мала Речица и вкупно 81 година за нападот на пратеникот Села. Вооружен инцидент со загуба на човечки живот вреди помалку отколку украдени 150 кебапи за кои се добива затворска казна од 3 години.

Дали во Македонија се суди согласно тежината на кривичното дело и околностите под кои истото се случило или се суди онака како што ќе биде нарачано од некој повисок политички субјект во интерес на опстојување на владината коалиција.

Од премиерот Заев пред да формира Влада со месеци слушавме обвинувања за „судиите од тефтерчето“ и „Сваровски судството“, а еве веќе година дена откако е формирана Владата не само што го нема расцветано судството како пупка, како што милува, да каже туку тоа е уште поовенато.

Иако ова е клучен сегмент во кој итно се потребни реформи, Владата нема реално мрднато со прст освен популистички формираниот Совет за реформи во правосудството, од кој си дадоа оставки неговите првични членови, Пировска, Најчевска и Калајџиев, велејќи дека истиот постои само формално и за залажување на граѓаните. Можеби најголемата небулоза во целата оваа лакрдија наречена правосудство е тоа што Заев е на чело на овој Совет кој треба да спроведе клучни реформи, а кој до вчера беше суден за барање на поткуп на очиглед на целата македонска јавност, а за што, без изненадување, беше ослободен од вина.

Токму катастрофалната состојба во судството ја потврдува и ГРЕКО со нивниот извештај кој не нотира напредок во оваа клучна област.

Да не заборавиме дека ЕУ чија членка сакаме да бидеме редовно го прати прогресот во оваа област. При фамозната одлука за датум на преговори дека имаме датум на кој ќе биде одлучено дали ќе се добие датум за отпочнување на преговори, а тоа е јуни 2019 беше потенцирано дека Македонија мора да испорача судски реформи, а ЕУ ќе отпочне со детален скрининг токму на судството или на поглавјата 23 и 24.

Со оглед на капацитетите на власта не е прерано да се заклучи дека и понатаму изјавите и заложбите за реформи ќе си останат само мртва буква на хартија, а граѓаните на свој грб и понатаму ќе ги чувствуваат бенефитите на „независносто судство“.

М-р Мартина Антиќ