Центарот за правни истражувања и анализи во соработка со Министерството за правда и Судскиот совет на Република Македонија од денеска до 14 ноември ќе го спроведе првото национално мерење на перформансите на правосудството во државата.

Со ова мерење на перформансите на правосудството, за првпат во Македонија ќе се овозможи системско оценување на реформите врз основа на мерливи и јасни критериуми што ќе биде индикација дали се движиме во правилната и посакувана насока.

Крајната цел на ова истражување, како што рече на денешната прес-конференција Никола Јовановски од Центарот за правни истражувања и анализи, е да воспостави метод кој ќе го поддржи македонскиот правосуден систем во своите активности во насока на зголемување на неговата независност, ефективност и доверба на јавноста во правосудството.

-Прашалници ќе бидат доставени до сите чинители во правосудството, почнувајќи од судиите, судската администрација, адвокатите, нотарите, извршителите, медијаторите, државните правобранители, странките во споровите, академската заедница, Академијата за судии и јавни обвинители, невладиниот сектор и до медиумите, рече Јовановски.

Со истражувањето ќе бидат опфатетни околу 7.000 испитаници, кои ќе бидат оценувани во пет области и тоа за ефикасноста, транспарентноста и отчетноста, квалитетот на судската правда, независноста и непристрасноста и професионалниот развој и соодветна застапеност.

Првите информации од ова истражување, како што рече Јовановски, се очекуваат кон крајот на јануари и почетокот на февруари.

– Овој процес е од суштинско значење бидејќи се одвива паралелно со скрининг процесот за пристапување во ЕУ каде се разгледуваат токму Поглавјето 23 Правосудство и фундаментални права, рече Јовановски.

Ова истражување, како што рече Љубица Караманли Клопчевска од Министерството за правда, е особено важно бидејќи во самиот процес се вклучени бројни практичари и ќе ни укаже дали сме на вистинскиот пат во  спроведувањето на судските реформи, а воедно ќе биде и наш патоказ како треба понатаму да се насочиме со активностите.

– Следењето на реформите во правосудствто на овој начин согласно ЕУ-стандардите е од стратешка важност за правосудството во Македонија, додаде таа.

Претседателот на Здружението на судии на РМ, врховниот судија Џемаили Саити рече дека Здружението е во целосна функција на овој проекти и оти ќе партиципира со судии кои ќе бидат таргетирани.

Добиените резултати од овој процес споредени со податоците од Судскиот совет на Република Македонија и меѓународните извори ќе бидат основа за креирање на идните реформи и стратегии во областа на правосудството.

Подготовката на Матрицата и процесот на мерење на перформансите е финансиски поддржан од Британската амбасада Скопје.