Судијата Ељведин Ферати, кој во Основниот суд во Тетово, за прегазување на 22-годишната Теодора Ристевска, изрече казна за возачот Менсур Пајазити од само две години затвор предизвика жестоки реакции во јавноста и поради фактот што на претходното судење обвинетиот доби 3,5 години затвор, објави Фокус.

Сомнежи во интегритетот на судијата се појавија откако медиумите како порталот СДК потсетија дека Ферати додека бил дел од Универзитетот во Тетово, наводно си ги поправал оцените со пречкртување.

Лани во септември беше отворена и предистрага откако Државниот просветен инспекторат утврди дека си ги поправил оценките по право на Тетовскиот државен универзитет, со пречкртување. Предистрагата ја води Скопското јавно обвинителство.

Случајот го откри Антикорупциската комисија лани во декември, во рамки на големата ревизија со која се пребројуваа факултети и дипломирани студенти на кои им биле давани дипломи со недоволен број кредити.