Со грчки знамиња, икони, крстови, транспаренти со пораки, но и говори, голем број граѓани денеска се собраа во центарот на Атина за да го изразат нивното несогласување со законот за истополови бракови, што следнава седмица ќе се гласа во Парламентот, јави дописничката на МИА од Атина.
На протестот присуствуваа христијански и црковни организација и здруженија, радикално десничарски партии, попови и свештени лица, но и граѓани од сите возрасти.
„Мајка, татко и деца“; „Поддршка за традиционалното грчко семејство“; „Не за истополово родителство“; „Татковина, религија, семејство“; „Мицотакис, Каселакис, Андрулакис се срам за Крит и Грција“; „Ја поддржуваме светоста на традиционалното семејство“, беа само дел од пораките на паноата на демонстрантите.