Собраниската комисија за одбрана и безбедност денеска петти ден ќе расправа за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на државата, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија и за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.
Вчера на седницата дискутираа само пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои обвинија за „неспособност” при менаџирањето со кризните состојби во државата.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи во своето обраќањето рече дека кризна состојба треба да се прогласи заради граѓаните, но власта, според неа, „не знае да се справи со проблемите произлезени од кризата”.
И Ангелинка Петкова од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека според статистиките државава е во најлоша состојба со енергетската криза.
Од Владата, пак, вчера соопштија дека се бараат соодветни решенија и порачаа дека граѓаните на Град Скопје ќе имаат парно и согласно Законот за енергетика загарантирана е јавната дејност да се врши во целост без прекин.
-Владата континуирано презема мерки за да обезбеди сигурно и стабилно снабдување со топлинска енергија за граѓаните на Скопје. Во овој момент се финализираат преговорите за регулирано производство на топлинска енергија, врз основа на претходно донесената владина одлука за избор на вршители на енергетски дејности, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Штом завршат преговорите, јавноста ќе биде навремено известена, соопштија од Владата.
Потенцираат дека се бара најдоброто решение за обезбедување на најниска цена на гас или мазут со цел да се спречи ценовен шок и да не поскапи парното.
Сепак, од компанијата БЕГ – Производство се децидни дека немаат правен основ да располагаат со топланите, немаат обврска за продолжување на вршење на дејноста во новата грејна сезона, ниту пак финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија.
Од компанијата наведуваат дека согласно со член 51 од Законот за енергетика имале законска обврска да продолжат да ја извршуваат дејноста, до истекот на рокот од 90 дена за избор на нов вршител на дејноста, кој е веќе истечен. Во овој период, посочуваат, БЕГ Производство продолжи да ја врши дејноста и ги заврши сите неопходни ремонтни активности во топланите се со цел новиот носител на лиценца да може непречено да ја започне новата грејна сезона.
-БЕГ Производство нема правна основа за користење на топланите, бидејќи Договорот за закуп е раскинат и новиот сопственик на топланите побара примопредавање на истите. Дополнително, компанијата е финансиски неспособна за вршење на дејноста, поради големите загуби остварени во претходната грејна сезона како резултат на неколкукратно зголемените трошоци за набавка на енергенси и електрична енергија кои не беа покриени со одобрените тарифи од Регулаторна комисија за енергетика. Заради овие причини на 09.06.2022 год. БЕГ – Производство до РКЕ поднесе барање за престанок на лиценцата се со цел навремено и непречено да се избере нов носител на лиценца за вршење на дејноста производство на топлинска енергија за новата грејна сезона. На 20.06.2022 год. РКЕ донесе решение за престанок на лиценцата на БЕГ – Производство, стои во соопштението.
Од Регулаторната комисија за енергетика РКЕ, пак, соопштија дека обврската за вршење јавна дејност регулирано производство на топлинска енергија престанува со денот на издавање на лиценца, во случајов нов вршител на дејноста.
Од РКЕ истакнуваат дека вршењето на јавната дејност производство на топлинска енергија од регулиран производител е прецизно дефинирана во Законот за енергетика каде основниот императив на вршителот на јавна дејност е да обезбеди сигурно, континуирано и квалитетно производство на топлинска енергија, истакнаа
-Законот за енергетика, кој доби и зелено светло од Енергетска заедница во целост ги има инкорпорирано сите одредби од европската легислативата по однос на сигурно, стабилно и континуирано снабдување со енергија. Во тој дух и РКЕ ги носи одлуките со кои се прецизира дека се до избор на нов вршител на посочената енергетска дејност, на актуелниот вршител не му престанува обврската за обезбедување на јавна дејност. Обврската за вршење на јавна дејност регулирано производство на топлинска енергија престанува со денот на издавање на лиценца (во случајов нов вршител на јавна дејност), наведуваат од Регулаторната комисија за енергетика.
И вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи викендот изјави дека се додека не се избере економски оператор, БЕГ мора да испорачува топлинска енергија. Тој посочи дека согласно законот БЕГ мора да има и резерви на гас и други суровини за да обезбеди топлинска енергија.
Грејната сезона стартува на 15 октомври.