Францускиот претседател Емануел Макрон, пред изборите за Европскиот парламент во мај оваа година, ја брани идејата за „нова Eвропа“ и претстави план за „европска ренесанса“ во колумна што ќе биде објавена денеска во сите 28 држави членки.

Макрон ги нарече претстојните избори „одлучувачки“ и предупреди дека Европа е во опасност. Тоа британски медиуми го протолкуваа како „повик за будење“ на Унијата додeка тој се обидува да покрене основни реформи на блокот.

– За неколку недели европските избори ќе бидат одлучувачки за нашиот континент. Никогашп Европа не била толку потребна од Втората светска војна како што е сега, а сепак Европа никогаш не била во таква опасност. Национализмот не нуди ништо. Тоа е проект за отфрлање, нагласува Макрон.

Колумната е објавена во време кога има тензии на Западот потресен од политиката „Америка на прво место“, на претседателот Доналд Трамп и напуштњето на Британија на ЕУ, додека најголеми предизвици се Кина и Русија, нагласуваат британски медиуми. Голем број предлози што Макрон ги изнесува се насочени на заштита и одбрана на европските граѓани со давање нов поттик на блокот по заканите од глобалната конкуренција.