Предноста на Конзервативната партија на британскиот премиер Борис Џонсон над опозициските лабуристи е зголемена на три недели пред вонредните парламентарни избори, закажани за 12 декември и сега таа е најголема од 2017 година, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мненние на агенцијата Опиниум (Opinium), направена за неделникот „Обзервер“.
Според денеска објавените резултати, за торивеците во моментов би гласале 47 отсто од Британците, што е три отсто повеќе во однос на минатата недела, додека за Лабуристичката партија се определиле 28 отсто од избирачите во земјата.
Проевропските Либерални демократи изгубиле два отсто поддршка, и сега се на 12 проценти доверба, додека Партијата Брегзит опаднала за три отсто.
Британските медиуми пренесуваат дека ПР агенцијата наведува дека растот на поддршката за Конзервативната партија се должи на одлуката на Партијата Брегзит да ги повлече своите кандидати за изборите во окрузите кои ги држат ториевците, чиј лидер, премиерот Борис Џонсон, се залага за излез на земјата од Европската унија, со или без договор.
Анкетата била спроведена онлајн од 20 до 22 ноември, по објавувањето на изборната програма на лабуристите. Конзервативците својата изборна програма ќе ја обелоденат денеска.