Русија, Кина и Иран најавуваат заеднички поморски вежби пред крајот на март. Оваа информација со јавноста ја сподели командантот на иранската морнарица, контраадмирал Шахрам Ирани, кој ги покани и другите земји да учествуваат во овие вежби.
„Ги покануваме другите земји да учествуваат во поморските вежби на Иран, Кина и Русија, кои ќе се одржат пред крајот на март“, рече Ирани. Тој вели дека претстојната вежба на трите земји има за цел да обезбеди регионална безбедност, пренесува агенцијата Тасним.
Ова не е првпат овие три земји да одржат заеднички вежби. Во март минатата година, Русија, Кина и Иран спроведоа трилатерални вежби наречени „Поморски безбедносен појас 2023“ во Арапското Море, во близина на иранското пристаниште Чабахар.