Најголемата млекарница во земјава, битолската, денеска соопшти дека донела одлука да ги намали цените на, како што велат од компанијата, најпродаваните млека и јогурти од нејзиниот асортиман.

Потегот на млекарницата доаѓа откако министерот за економија Крешник Бектеши најави дека неделава Владата ќе донесе одлука за замрзнување на цените на некои млечни производи, откако слична мерка беше донесена за најкористените видови леб, кои до 31 мај ќе се продаваат по цена од 33 денари.

-Свесни сме за падот на потрошувачката моќ на граѓаните и со оваа одлука излегуваме пресрет на потребите на нашите потрошувачи. Како лидер на пазарот, Битолска млекарница е одговорна компанија и ова намалување на цените ги опфаќа токму најпродаваните млечни производи за да се постигне ефектот на намалени цени кај населението. Иако цената на основната суровина, суровото млеко, бележи значителен раст во однос на истиот период минатата година, ова намалување во моментов е одлука да се помогне на нашите лојални потрошувачи, велат од компанијата.

Цените на млечните производи: свежото и пастеризирано млеко, сирењето, јогуртот, павлаката, кашкавалот… во изминатата година забележаа енормно голем раст, а Владата лани неуспешно се обиде да ги спречи поскапувањата со ограничување на трговската маржа за дел од млечните производи.