Словенечкиот амбасадор Милан Предан во интервју за Радио Слободна Европа вели дека е време Македонија конечно да испрати амбасадор во Софија.

-Мислам дека тоа секако не помогна, да се нема амбасадор и силно дипломатско претставништво во Софија, секако беше причина што можеби комуникацијата не беше како што треба, и не треба да биде кој било. Сега на оваа земја ѝ треба навистина искусен дипломат кој ќе биде во секојдневен контакт со новата влада, бидејќи ова е единствениот начин да се постигне договор и можеби ова е единствениот начин да се скрати времето. Новата влада на Петков зборува за шест месеци, нагласува Предан, чија земја е актуелен претседавач на Унијата.

За договорот од девет точки на бугарскиот премиер Кирил Петков со коалициските партнери во Владата за позицијата кон Скопје, Предан не сакаше да дава коментари, но смета дека има позитивни објави од бугарската страна што некако најавува попрагматичен пристап.

-Во ред, мора да видиме како ќе се развиваат работите. Мислам дека е многу важно овој дијалог со новата бугарска влада да започне што е можно поскоро, бидејќи за да се постигне договор на ниво на ЕУ ќе биде потребен компромис на билатерално ниво. Сега како што споменавме имаме малку несреќна ситуација повторно. Имаме влада во Софија, но, имаме ситуација во оваа земја каде премиерот ќе поднесе оставка што значи дека целата влада ќе поднесе оставка. Ќе имаме тотално нова ситуација и ќе биде потребен најмалку еден месец да се формира нова влада, што значи дека повторно ќе загубиме некое време, вели Предан и додава дека ќе добро новата Влада во Скопје до крајот на јануари да биде веќе поставена.

Нагласува дека за решаавање на спорот е потребен дијалог и оти се целосно свесни дека нема да биде лесна задача, да се дојде до договор на навистина тешки прашања. Вели дека ако се смени пристапот, кој го најави и Петков, фокусот наместо на историјата да биде на сегашноста и иднината, на инфраструктура, култура, медиуми, образование, тогаш шансите се поголеми. -Ако има добар договор за овие области тогаш можеби ова ќе ја смени атмосферата и ќе има поголема взаемна доверба, вели Предан.

Во врска со македонските учебници и бугарските фашисти во нив и дали е прифатливо вакво прашање да се отвора во ЕУ, Предан нагласува дека е јасно на кои вредности се темели Унијата, поствоена Европа е изградена и поделбата на историјата на Втората светска војна секако не е меѓу тие вредности.

Сепак вели имало и други примери во Европа кога поделбата на учебниците бил еден од многу важните делови на помирувањето меѓу Германија и Франција по Втората светска војна.

-Мислам дека оваа тема за учебниците не треба да биде политичко табу. Мислам ова е прашање за кое исто така треба да се разговара. Но, како што кажав, зборуваме за учебници на двете страни. Не само на една страна, нагласува Предан.

Во врска со последната одлука на Советот за општи работи на ЕУ, кој и овој пат не даде зелено светло, но повика на поскоро одобрување на преговарачките рамки за Македонија и Албанија, Предан смета дека позитивно е тоа што заклучоците за проширувањето биле усвоени, за разлика од минатата година, кога тоа не се случило, што значи дека процесот на проширување е се уште жив.

Потсети дека на почетокот на претседавањето на Словенија со ЕУ тој нагласил дека не може да ветат чуда, имајќи ги предвид сите околности, но напомена дека Словенија работела напорно на ова прашање и сторила сè што можела во оваа моментална ситуација со цел да ги туркаат овие работи напред. Предан појаснува дека околностите во двете земји не оделе во прилог на пронаоѓање брзи решенија, имајќи ги предвид изборите во Бугарија и тие во Македонија.

Тој изрази уверување дека словенечкото претседателство го подготвивме теренот за претстојното француско претседателство, кое почнува од 1 јануари, да оствари напредок.

-Претседателот Макрон веќе објави дека е подготвен да свика конференција на крајот на нивното претседателство на односите меѓу ЕУ и Западен Балкан и имавме најава од Французите дека и тие ќе занимаваат со ова прашање. И покрај ситуацијата во која ќе бидат со претседателските избори во април, мислам дека препознаа колку е важно да се направи овој процес на проширувањето сигурен и да се одржи жив, нагласи Предан, кој истакна дека тој не е запознаен дали има француска иницијатива за надминување на спорот меѓу Софија и Скопје, но напомена дека Париз изразил подготвеност да помогне во процесот.