Си бил еден сиромав чоек: гол, бос, гладен, жеден, веќе до немајкаде. Идејќим си една вечер од работа, а времето беше било студено и кално, бидејќи тој беше бил бос, беше се стресол како лис на гора. За к’сметот негов, настреќа ете му го Свети Петар, кај си оит и тој дома.
– Добро вечер, Свети Петре – му рекол сиромаиот, – што чиниш , како си? Здрао-живо си ми? Како ти е кеот?
– Дал ми ти Господ добро, рисјанине, арно сум, сполај Богу. Вие како сте?
– Ние сме сполај Богу, Свети Петре, – му рекол сиромаиот, со здравјето, туку пуста сиромаштија дошла, не навалила, еве сам гледаш каков сум: гол, бос, во кал до колена, воден ќе легнам в постела, воден ќе станам. Има Господ, рисјанине, има – му ркеол Свети Петар – и за вас сиромасите.
– Е, лели има Господ и за нас сиромасите – му рекол сиромаиот – ќе те молам од земи до небо Свети Петре, да појдеш кај Господ и да го помолиш барем времето да ни е топло, како лето, за ние сиромасите да си работиме по поле и да си го вадиме лебецот за дечињата, што ни дал Господ, да стока ние сиромасите не ти бараме, за да бидиме богати, само времето да е топло – тоа сакаме. Аман, Свети Петре, ако не појдиш при Бога да му се помолиш да ти го напраат времето се топло и студ ич да немат.
Дури му и рекол тие зборои сиромаиот на Свети Петра, се со плачење му и велел и го молел, бакнуајќи обете раце.
На Свети Петра му се нажалило и бир-баш беше отишол на една висока планина, та паднал на коленици да му се молит на Бога, за да му даит на сиромасите време топло: се лето да бидит, ич зима да немат. Се молил, се молил три дни и три ноќи дури Господ му се одгоорил: „Петре, Петре, што толку многу ми додеваш? – му отгоорил Господ, сполај му, – за да блаосоам времето да се препраит. Јас можам, Свети Петре, и така да го напраам, за се лето да бидит; арно ама полошо за вас ќе бидит; мисли арно, оти да не ми дојдиш текрар да ми додеваш да го преправам времето, како што си ет сега, да за тоа ти велам: помисли се малку, да не наместо добро да му напраиш на сиромасите, за да му напраиш уште по зло.
– Вистина, Господи така е, ак си имаш на зборот, му рекол Свети Петар; арно ама сакам ова добро да ми го сториш, оти му се таксав на сиромаиот, за да те одмолам за оваа работа да ми поминит сега, за да не речит сиромаиот оти ти не ме слушаш и не ми го земаш зборот мене.
– Е, лели толку ми додеваш, Петре, еве ќе те послушам и ќевот ќе ти го напраам, ама ако излези нешто лошо од изменуањето на времето, најголемата мака на тебе и на твојата куќа можи да бидит. Ај, ој си со здравје сега, еве го блаосоив времето, да бидит се лето, за мило убаина.
За чудо големо! На часот беше се сменило времето, од кај што беше студено, се стопли за убаина. Од ден на ден се топлело времето и дошло се лето да бидит. Кога видоа сиромасите оти времето беше се свртило на лето, голема радос праеле и гологлаи се молеле на Господ, за животот од Свети Петра, дека тој го измолил Бога, за да бидит времето се лето. Голем ќев праел и Свети Петар, дека слушал од сиромасите богдапроштањето нивно за него.
Неколку годиње наред се што лето било, и сиромасите си живееа и си велеа: „Еве време, еве стока, ете вака требаше уште кога се создал веков се топло да беше, за сиромасите мака да не тргаа, како што тргаа до сега.“ Покрај сиромасите што се радуали, поеќе и богатите се радуали, чунки нивјето, ливаѓето, лозјата голем бериќет му давале. На таја убаина што било од топлото време, не саде луѓето што се радуале, ами до што била животинка по земјата сите ми се множеле и што беше се родило нито едно не беше пцојсало: змии, смокои, гуштери, гуштерици, жаби, крабари, волци, мечки, лисици и друзи скотои. А пак муи и оси со комарци прс и плева беа се намножиле.
Секој чоек држел по една коњска опашка в рака, за да се бранат дење од тие животинки, а пак ноќе живот немале од тавтабиди. Нито луѓето можеле да живеат од тие животинки, нито пак имањето можеле да живеат. А пак сета земја беше се исполнила со жаби и жабари, место празно не останало, без да имат жаби; санким со камење беше послана земјата од што многу жаби беше се намножиле. Де море ал де! Ете кој бара рогои ќе загуби и уши, што рекле стари.
Кога беа расле, расле жабите беа се сториле колку едни гуски големи, а пак царот на жабите жабарот беше пораснал голем колку една куќа. Едни очи што имал колку една црепна големи, за триста страои беше бил, секој што ќе го видеше жабарот се ќе речеше: „Леле брате, што беше она страои!?“ Се усука луѓе, брате мило, фатиа да и тепаат жабите ѓоа да си распраат двороите; арно ама една дури да отепал чоек, со саати ќе мавал, а пак од викањето на тепаните жаби, сите жаби се збирале и викале до небеси со гласји за триста страои.
Си најдоа бељата луѓето, никаков крај не можеле да најдат.
– Море ајде бре луѓе, беше рекле, да ојме кај Свети Петра да му се молиме, да појди кај Бога, да го моли, за и стори дев овие животинки, што не не стават раат да живеиме и раат да си работиме.
Многупати беше отишле кај Свети Петар, да го молат, арно ама Свети Петар се страмел да ојт кај Бога, за да го молит. На тоа згора, еве што беља беше го нашла Свети Петра. едно утро станала ќерка му од Свети Петра да рини од дворот со лопата жаби, за ѓоа дворот да го распраит. На тој саат беше му дошол патот од жабарот да поминит пред портата од Свети Петра и ја видел ќерка му од Свети Петра, кога и ринела со лопата жабите.
– Заошто и риниш, мори, жабите така со лопата? – му рекол жабарот.
– Ами, не ќе и ринам, зер ќе му постелам, овде во дворот ми се напикале како овци.
– Е, лели така, чекај да видиш кому прозборуаш ти, – је рекол жабарот на ќерка му од Свети Петра, и си заминал.
Вечерта беше пратил жабарот стројници кај Свети Петра, за да му ја сакаат ќерка му за невеста за жабарот. Кога и чуле Свети Петар и Света Петројца од стројниците зборојте, косата беше му се накренала од страв и од страм.
– Аман бре браќа, нека не бидит каил жабарот, да ни ја земит ќерка ни за невеста, оти една е у мајка и у татка, му рече Свети Петар, нека земит од кај што имат поеќе девојчиња, така носите му здраво и живо на жабарот, го молиме од земи до небо, каил да се не стори.
– Аман бре браќа, и јас многу му се молам на жабарот му рекла Света Петројца да не кајдисат на ќерка ми да ја земит и да ми ја уплашит, оти таја ми ет галена и кочена, се со шеќер ранета, ич бидуат ќерка ми за жабар да ет невеста? Повелете еден бовчалак земете го и однесете му го на жабарот бакшиш од мене. Ајте ми со здравје, браќа, така здраво и живо носете му на жабарот од нас.
Си зедоа стројниците бовчалакот и појдоа кај жабарот, та му кажаа за се што беше му рекле Свети Петар и Света Петројца.
– Море, не ме лажит Свети Петар и Света Петројца мене – му рекол, жабарот на стројниците – со еден бовчалак, јас ја ќерка му ќе ја земам за невеста, ја ќе умрам.
На часот курдисал жабарот свадба, распратил стројници за да канат сватои. Поканиле: змии, смокои, гуштери, гуштерици, жаби, жабари и сите друзи животинки. Сите се собрале кај жабарот сватојте. Рупнаа тапаните в жабарските дворои, се раиграа сватоите, туко така ’рскот и пукот одело во куќата од жабарот. Беше му пратил абер жабарот на Свети Петра да ја стори азар ќерка си, оти ќе појдел со сватоите да ја земи. Коа беше му дошол аберот од жабарот кај Свети Петра, оти ќе дојдел да му ја земи ќерка му, се расплакал и фатил брадата да си ја кубит, а Света Петрејца косите си кубеше.
На чудо Свети Петар беше тргнал да ојт на планина при Бога да му се молит; паднал на коленици и дал вик што да можи:
– Аман, Господи, поможи ми, и избави ме од жабаро, оти ќерка ми ќе ми ја земит.
– Е, виде, Свети Петре, оти полошо се стори времето, откога го сторив саде лето да бидит.
– Грешив, Господи прости ме,- беше му рекол Свети Петар, јас сторив ти не чини.
– Ај, ој си со здравје Свети Петре, – му рекол Господ, – и не бери гајле, јас ќерка ти ќе ти ја избавам.
Кога приближил Свети Петар до куќата, што да видит: иље и миље жаби и змии и смокои, обколена куќата беше била. Ја зел жабарот ќерка му и ја вкачил на кола со два вола и зауздал волоите со змии и смокои и тргнал дома да си одит.
Од кај што беше времето топло, туку веднаш беше завеал еден силен ветар од северна страна, што од сила беше замрзнала земјата близу девет педи; страшна фуртуна била и се што било живо беше замрзнало, кое кај беше одело, тамо останало.
Од сите животинки најпосле беше пцојсал и жабарот. Откоа беше се здрвило сичко и беше се камнило, по повела Божја се поопраило времето и се вратила ќерка му од Свети Петра дома. Од голема радос немаше татко је и мајка је кај да ја клаат.
– Еве сега како је поарно ја, – велеле луѓето, ако студи, барем раат сме од животинките што не мачеа.
(Подготви: Марко Китевски)