Кузман Капидан бил родом од Дебрца, во Охрид повеќето веруваат дека Кузман бил родом од Старово или Поградец.
Стефо Размо, стар чоек кој многу добро ги помни опишаните настани, не уверува дек Кузман бил дебрчанин, од некое село од Дебрца. Тој насила грабнал некоја мома и побегнал во Старово (Старово и Поградец кои што ги спомнав погоре се наоѓале под управа на Мустафа паша Шкодрански, надвор од границите на Охридско) за да се спаси од гневот на бегот. Таму паднал под заштита на Арнаутинот Мехмед Али и се прославил со јунаштво.
После тој му го препорачал на Џеладин бега. Татко ми пак тврди, како и мнозина други, дека Кузман бил Арнаутин од Арнаутлукот – Старово или Поградец. Двајцата старци еднаш долго се препираа по тоа прашање, но постариот Стефо непоколебливо остана во убедувањето дека Кузман бил од Дебрца, но не и Арнаутин од Арнаутлукот. Јас неколку пати се обидував да внесам сомение во убедувањето на старецот, но тој не се колебаше и си веруваше во истото. Ние сме склони да му веруваме на Стефа Размов, зашто настанот со грабнувањето жена не изгледа неверојатен.
Освен тоа да се грабне мома од некој селанин не е важен настан за да го споменува народот, а особено, ако се случило на еден ден пат далеку од Охрид. Така што тој настан од животот на Кузмана треба да им биде познат само на малцина и, кога Кузман по 10-15 годишно бегство се појавил во Охрид, нормално било охриѓани да го сметаат за Арнаутин. Освен тоа и следниве факти ни даваат повод да го мислиме истото: жената на Кузмана што ја довел од Старово била од христијанското население. Ако Кузман бил Арнаутин, зошто не си избрал Арнаути другари туку од народот од Охрид и Дебарца.
Шапкарев кажува оти бил родум од Врбјани
Многу добро ги познавал другарите од младоста и затоа ги избрал. Кузман Шапкарев кажува дека Кузман бил родум од село Врбјани, а пак според зборовите на некој пејач Ставре Наумов Апостоловски бил роден од с. Сливово. Коа е поточно не може да се тврди. Од кое село точно не се знае. Се претпоставува дека бил од Сливово, ама точно не може да се тврди. На младост насилно грабнал една мома и за да се спаси од бегот го напуштил родениот крај и отишол во Старово. Тамо попаднал под заштита и покровителство на главатарот Мехмед-али и не смеел да се врати назад.
По десетина, можеби и повеќе години живот меѓу Албанците успеал да се асимилира со нив и се прочул со јунаштвото. Толку бил смел и срчовен што не се исплашил еднаш да му ги украде и сопствените коњи на Џеладин-бег. (Кажуваат дека Кузман му ги украл на Џеладин-бег коњите од неговите коњушници. За да не тропаат кога ги изведувал им врзал памук под копитата.) Поради тоа бил во страшна немилост пред последниов. Ако по некаков случај му паднал во рацете на бегот, бездруго ќе висел на јаже. Меѓутоа заштитата на Махмед али била цврста и никој не смеел да го загрози.
Кога дебраните и матјаните почнале систематски да ја опустошуваат Дебарца, тогаш христијаните како од селата така и од градот, напишале заедничка молба, колективно ја доставиле до бегот и го молеле да му прости на Кузмана и да го назначи за крсердар за да ја очисти земјата од разбојниците. Џеладин-бег, најпрвин како заштитник на рајата и второ кога видел дека Арнаутите буљукбашии не му вршат работа, и покрај самољубието решил да му прости и да го назначи „баш буљукбаш“ на Охридско.
Кузман бил ситен, но со јуначко срце
Му напипал писмо на Кузмановиот покровител во Старово и го молел да му го испрати како јунак над јунаци за да го назначи на споменатата должност. Навистина најпрвин ниту Мехмед али бил согласен да го испрати Кузмана при бегот, ниту пак Кузман се решавал да појде, зашто се плашел од измама. Но кога Џеладин – бег по втор пат напишал писмо и го уверил дека тој му простил на Кузмана и дека во писмата нема никаква измама, Мехмед али му дал писмо и го испратил кај бегот. Кузман го оставил оружјето дома и му се јавил на Џеладина на Горни-сарај, му го бакнал скутот според тогашниот обичај, му го подал писмото и наназад се повратил неколку чекори до вратата.
Џеладин – бег го читал писмото, го гледач зачудено, вртел со главата, ги собирал усните и пак продолжувал да чита. По лицето на бегот јасно се читало: „Нема друго, тоа е Кузман, прославениот Кузман, за кого рајата еднодушно моли и сака да го назначам баш буљукбаш.“ Тој дури недоверливо прашал: „Ти ли си Кузман?“ Откако два пати добил потврден одговор, го поканил да седне.
Кузман бил пара човек, малечок, ситен и никако непретставителен. Не само бегот туку и сите други, не само тогаш, туку и подоцна, му се чуделе. Но, јунаштвото не можело да се оспорува, поради што, наспроти лошиот впечаток што го оставал на прв поглед, сепак бил назначен да го смири крајот и да го очисти од разбојниците.
Кузман се согласил да си ја земе врз себе поставената задача, но под еден услов: ако бегот му дозволи сам да си избере дружина, зашто Кузман немал доверба во Тоските кои како муслимани им ги поштедиле животите на разбојниците. Освен тоа, тој побарал уште едно право: не само да ги брка арамиите туку и да ги убива.
– Ти бег, му рекол на Џеладин-бега ќе бидеш цар тука, а пак јас во гората. Само под таков услов се нафаќам да го очистам крајот од тие ѕверови.
Првата грижа избор на дружина
Значи Кузман барал неограничени права и му ги дале.
Првата грижа на Кузџмана била да си избере другари. Тој ниту еден некрстен не зел во дружината. На прво место бил Куци Митре од Охрид, куц, низок, но затоа буен и решителен, потоа Кара Митре, тој живеел близу до Кузмановци. Освен нив и другите биле пак од Охрид; Павле, таткото на Силвија Ѓорејчето, Кочо – дедото на Захарија Групчев, Грдан од Кулин Чифлик, Наум прадедото на авторот на овие редови, Тоше од село Рбину, Илија од село Врбјани, од Сливово и од другите дебрчански села. Сите се собрале околу 40 души дружина, ама такви стрелци што низ прстен куршум провирале. Кузман ги наоружал и ги повел по себе.
Како што напомнав и погоре, во тоа време имало страшен наплив од разбојниците. Ја опустошувале земјата повеќе отколку сега. Џеладин бег не можел лесно да се справи со нив зашто лесно ги минувале границите и бегале во својата земја. Од друга страна пак неговите буљукбашии ги штителе. Кога Кузман станал крсердар и почнал да ја обиколува земјата тие за инает решиле повторно да ја нападнат Дебарца и да ја ограбат. Главни разбојници биле веќе споменатите Осман Мура и Дервиш Муча. Тие ги предводеле своите чети и систематски ги опустошувале селата.
Кузман секој ден ги демнел и никако не можел да најде начин да ги разбие. Најпосле ги нападнал. Еве како станало тоа.
Нападот на Годивје
Кузман со дружината бил на свадба во селото Врбјани. Во истото време разбојниците го напаѓаат селото Годивје, ги убиваат неговите старешини (старците), заробуваат неколкумина и ограбуваат се што ќе најдат. Го известуваат Кузмана за тоа штос е случило и тој во истиот момент им тргнува по трагата и ги пристигнува во нивниот синор (преку Охридско), во месноста Јама околу таканареченото Црвено Млаче. Тие верувајќи дека тука се сигурни и дека тука Кузман не може веќе да ги нападне се расположиле да печат јагне и да се веселат. Заробените ги врзале по дабјето за да не бегаат. Кузман без да се колеба ги нападнал.
Осман кој помислил, дека е тоа кичевскиот буљукбаш кој ги штител по арнаутски го прекорил дека не си достојал на бесата. Кузман му одговорил дека не е кичевскиот буљукбаш туку Кузман Капидан, Џеладинбеговиот кареман. Така започнала борбата. Арнаутите паѓале еден по друг. Дервиш Муча смел и решителен го извлекол јатаганот и се спуштил кон позицијата на Кузмана. Кузман дали од страв, дали од брзина така силно го дигнал петлето од пушката што таа веќе не можела да дејствува. Уште една минута и Кузман веќе можел да биде исечен на парчиња. Тој се обратил за помош кон Куци Митре.
– Не плаши се Кузмане – му викнал тој- пушката ми е полна со сребрена петлица. (Се верувало дека Дервишот не го пронижува куршум. За тоа Куци Митре скинал една сребрена петлица од облеката и наместо куршум неа ја ставил во пушката. Таа петлица му го спасила животот на Кузмана.)
И Дервиш Муча се стркалал како труп по земјата. Во агонијата тој го молел Османа да не го остава на ѓаурите и да го освети. Осман пак со останатите разбојници се дал во бегство. Кузман со дружината го следел уште неколку часа и најпосле го стигнал и го убил. Потоа им ги пресекле главите на водачите и на петина други разбојници и како трофеи тргнале да му ги носат во Охрид на бегот.
Џеладин-бег го дарувал со чифлик позлатени пиштоли
Џеладин бег спокојно се одморал во палатите. Турците од завист силно го мразеле Кузмана. Тие барале начин да го компромитираат пред него. Кога Осман Мура и дервиш Муча го опљачкале Годивје тие го наклеветиле пред Џеладина дека се веселел во Врбјани без да им посветува внимание на арнаутските планини. Бегот се разлутил и одредил една чета Тоски со строга заповед: каде што ќе го најдат таму главата да му ја земат. Тие пак веднаш тргнале да го казнат за невниманието. За нивна несреќа го сретнале Кузмана кај местото Далјан, близу до Охрид и останале изненадени кога ги виделе главите од Османа и Дервиша врзани перче за перче, а до нив пак други пет такви. Ги наведнале главите и се вратиле засрамени заедно со другите.
Пред да стигнат во Охрид Џеладин-бег се качил на Горни Сарај, со двогледот гледал кон Г’бевци и останал изненаден кога ги видел како се враќаат испратените сејмени. Тој веднаш не можел да го познае Кузмана, зашто целиот бил облеан во крв. После му го пофалил јунаштвото, го дарувал со чифт пиштоли оковани со позлатено сребро и со еден чифлик во с. Злести. Исто така ги дарувал и другарите му со по еден пиштол окован со сребро.
Главите на разбојниците биле изложени да ги гледаат граѓаните, онаа на Дервиш Муча била голема како кутел, тежела девет ока. Под кожата имал два прста лој. Оттука може да се заклучи, какво мажиште бил дервишот и зошто народот верувал дека куршумот не го јаде.
Кузман голем страв им дал на Арнаутите и тие, додека тој бил буљукбаш не смееле да ги минуваат границите и да напаѓаат во Охридско.(…)
По Кузмана крсердар станал син му Ѓоре
Кузман живеел уште долго и ја чувал земјата од разбојниците. Бидејќи Турците не можеле да му простат зашто истепал толку и такви јунаци какви што уште еднаш мајка не раѓала, откако не можеле со клевети да го натераат бегот да го казни, го отруле како последица на што умрел по тригодишно тивко и спокојно боледување.
По Кузмана крсердар станал син му Ѓоре. Тој бил голем и претставителен маж: кога селани и други доаѓале од љубопитство да го видат Кузмана, јунакот над јунаците, овој го терал сина си да се појавува наместо него. Кузман бил многу скромен човек. Понекогаш бегот му ласкал и го фалел за јунаштвото. Кузман му одговарал: „Не сум јас јунак, бегу, туку ти, со името твое јас сум јунак.
Од статијата на Ефтим Спространов за Џеладин-бег. (Подготви Марко Китевски)