Село Зрзе ет кај што заоѓат сонце од Прилеп. Над селото имат една планина, сета тукуречи обрасната со див чај.

На таа планина имат една дупка (врата) што се викат Змеоец. Откога ќе влеиш подземи има да шеташ сета планина, само де немаш страв и да ти се видит. Малку откоа ќе поодиш низ змеоата дупка, ќе најдиш два кобла од каменот праени уште од змеот кога живеел тамо. Коблите сет широки колку едно огниште и длабоки колку пол аршин. Водата што ет во коблите нито претечует, нито секнуат. Колку да можиш да леиш или да блискаш едноподруго и колку ќе заприш блискањето, и ето ти ’и коблите пак полни.

Ако поодиш под планината внатре со видело запалено, ќе видиш друга земја, подземи ширина голема и ќе чуеш едно бучење од голема река. За реката ето како веруаат селаните и ако појдит чоек да видит со очи, ќе поверуаат оти ет така.

Над селово Зрзе имат едно село што се викат Крапа. Крапа ет на многу повисоко место од Зрзеската планина. Од селото Крапа течит една река преку поле. Полето крапско ет заградено сето со планиње и реката што течит в поле некоаш се збирала и сето поле било езеро.

Од многу години пробила една дупка реката на едно место и сега се спушта во земјата та врвит низ Зрзеската Планина и извират долу близу до полето зрзеско. Селаните крапјани ако не одат ката година да ја пречистуаат дупката кај што се спушта реката, може пак да се затнит и да ’и потопит.

Да си дојдеме за Змеоец од Зрзеската Планина. Во Змеоец веруаат старите оти имало некоаш еден змев што живеел тамо.

На ден Велигден си играле чупи стред село Зрзе и една чупа најлична го водела танецот. Од ведрина се задале едни виулици и ја кренале чупата на вишно небо. Спискала мајка и (една у мајка била):

– Бре што се стори, кај појде, кој ја грабна, дали ветроштињето, дали самовилите? – таа еднашка ја снемало.

По две години време отишла мајка и на личната чупа на планина за да ’и збират билки чемерики. Одејќум, шетајќум, дошла кај Змеоец и си рекла со умот за да влезит внатре и еве ти ја ќерка и кај си успиват машкото дете.

– Мори дали овде си се скрила подземи, мила ќерко моја ,ами што е тоа дете што успиваш уште немажена? – и рекла плачејќум мајка и.

– Молчи мајче, не викај многу да не го разбудиш змеот, оти сега брго заспал, да не те изеит нешто.

Излегуаат Змеоец надвор и се избакнале, се испоприкажале и на одење му рекла мајка и да го прашат змеот од ошто му била умирачката.

Една вечер го прашала од ошто му ет умирачката, и змеот и кажал оти уморен, кога да си доел од облаци, да испиел еден кобел солена вода, на часот умирал.

По некој ден дошла мајка и и откоа се научила од ќерка је, му донесла сол и го отрула змеот. Си ја зеде ќерка си жената и си дошла дома. Го гледала детето и го сторила момче, та си го оженила момчето, змевче било и крилја си имало под мишки.

Откоа се оженило змевчето, по некоја година си ошол на жниење со невестата си. Во жниењето згора се расипало времето и дошло на врнење. Во тоа време момчето легнало да спиет и жената му многу му додевала да го разбудит за да не го истопит. Арно ама змевчето тапани над глава да му чукаат, тој тогај не слушал. Откоа поминала росата, се разбудило и станало; арно ама жива вода сторено.

Го прашала невеста му оти толку се испотил во спиењето. Тоа неќело да му кажит. Арно, туку жената, коа ќе сторит инат, да те чуат Господ; како црвец во дрво ќе те јадит. И така му се запнала на змевчето ја да и кажит што се истопил толку многу, коа таа не била ич натопена, ја в неола ќе е врлит. Видело-невидело змевчето, и кажало. Еве од ошто се истопило.

Тоа бидејќум змевче, видело оти ќе врнит силен град, и ќе му столчеше бериќетот во полето, летнало по облаци, и и завртело облаците в планина за тамо да го истурат градот. Кога чу жената му на змевчето оти можел тој да летат, му се запнала за да му ’и види крилјата. Од голема стега од неа, виде-невиде, му ’и кажа крилјата. Таа си кажала на мајка си оти имало и момчето крилја и можело да летат по облаци, да го враќат градот.

– Чуј, ќерко – и рекла мајка и – прај што праиш, ја пресечи му ’и крилјата, ја подгори му и, оти лели летат по облаци, некоаш не ќе се вратит.

Ја послушала мајка си од змевчето невестата и една ноќ му ’и пресекла крилјата со ножици. Од тој саат веќе змевчето не можело да лета по облаци за да го враќат градот.

Прикажуаат стари оти во тоа време понабрго врнело, и град ич не заврнуало, а сега на скраја врнит и без дури не удрит град не било чаре, чунки змеоите се сотреле. Во сегашно време се мачат селаните да го одбијат градот (да не врнит за да му не тепат бериќето) со држење величетвртоци и други Минои празници. Прикажуаат стари оти и ден-денеска имало од сојот на змевчето, ама крилја немале, само колку два прста опашка, и мошне биле јунаци во борење и друго.

Од записите на Марко Цепенков

(Подготви: Марко Китевски)