Компанијата „Ривјус.орг“ (reviews.org) ќе му плати 2.400 американски долари на секој оној што може да избегне користење мобилен телефон цели 24 часа, како и други електронски уреди.
Фирмата, инаку, се занимава со услуги за тестирање производи за домаќинството. Оние што ќе бидат одбрани за предизвикот и ќе одговорат на истиот, ќе бидат наградени со наведената сума.
„Ако имате желба еден ден да не го користите вашиот уред и сакате да заработите пари за тоа, ова е совршена можност за вас“, се вели на страницата на компанијата, во описот на „Предизвикот за детоксикација“.
За нив, идеален кандидат е оној кој секојдевно се занимава со современата технологија, но е подготвен да биде дел од предизвикот. Ова изгледа како лесен потфат, но не е така, зашто на учесниците не им е дозволено ниту да гледаат телевизија, ниту да користат компјутери итн.
Учесниците ќе добијат сефови во кои ќе ги оставаат своите уреди на чување 24 часа, како и картичка „Амазон“ во вредност од 200 американски долари. Со неа, ќе можат да ги купат работите со коишто ќе го минат тој еден ден. Можат да користат машина за пишување, да сликаат…
Од учесниците ќе се бара и да го опишат своето искуство од ова доживување.
Според извештај на непрофитната организација „Комон сенс медија“ (Common Sense Media), американските тинејџери минуваат во просек седум часа пред екран. Пријавувањата за учество во предизвикот се отворени до 26 март.