Дијагностицирањето и лекувањето на Ковид пациентите во приватните болници да чини од 650 до 5.700 евра, колку што чини и во јавното здравство. Ова е предлогот на министерството за здравство кој денеска се очекува да го прифати Владата.
Со измени во законот за здравствена заштита државата ќе ги изедначи цените за лекување на Ковид во приватните со оние во државните болници за време на вонредна или кризна состојба.
„Државата освен што има овластување да склучи договор со приватните болници преку Фондот за здравствено осигурување, може да постави и лимит за максимален износ на едно приватно лекување од Ковид 19. Регулирањето на цените е неопходно за да не се доведеме во ситуација приватните здравствени установи да останат недостапни за огромно мнозинство на граѓани во нашата земја“, изјави Венко Филипче министер за здравство.
Во моментов лекување во приватните болници чини од 500 до 1 000 евра од ден, а дел од политиките на приватните болници е и приложување на депозит, кој изнесува и до 12 000 евра. Според податоците што ТВ 24 ги добила од Фондот за здравство, за разлика од приватното, болничко лекување на пациент во државна универзитетска клиника чини околу 600 евра за 5 дена, а околу 1 300 евра за 10 дена.
За лекувањето на потешките пациенти на кои им е потребна и механичка вентилација, пак, во зависност од бројот на денови на хоспитализација – изнесува од 1 200 до 5 000 евра. Министерот Филипче денеска ги повика пратениците во Собранието да ги изгласаат законските измени за како што вели – лекувањето да стане подостапно за граѓаните на кои им е потребно. Претседателот на собраниската комисија за здравство, Арбен Зибери од ДУИ вели дека тој ќе свика седница веднаш штом ќе стигнат предлог измените во Собранието, за да може што поскоро да стапат на сила, а очекува поддршка од сите пратенички групи.
„Јас како претседател на Комисијата за здравство веднаш ќе свикам седница на Комисиајта за да се усвојат законските измени што побрзо и да поминат на пленарна седница за да може да стапат на сила. Не е ништо спорно и мислам дека ќе наиде на поддршка на сите пратенички групи, затоа што се работи пред се за доброто на граѓаните, имајќи ја предвид ситуацијата со пандемијата.“ – изјави Арбен Зибери претседател на Собраниската Комисија за здравство.