Предлогот Љупчо Коцевски да стане државен обвинител е во собраниска процедура, но сè уште не ставен на дневен ред. Кога пратнеиците ќе се изјаснуваат за наследникот на Љубомир Јовески засега нема најава од законодавниот дом, известува ТВ Телма.
Владата одлучила да му предложи на собранието да го именува Коцевски на 9 јануари, кога во фокусот на јавноста беа инцидентите во М-НАВ, но тој ден не ја известиле јавноста. Во соопштението од двете седници одржани информираат за предлогот за разрешување на двајцата директори во македонски навигации и имињата на новите директори, има информација и за други прашања од економијата и одбраната, но ниту збор за предлогот до собранието за јавен обвинител. Не е објавен ниту записник од оваа седница, а образложението од владата е дека сè уште не бил потпишан, а тоа најверојатно ќе се случи деновиве.
Собранието ги примило предлогот и документите на 15 јануари и меѓу нив е и мислењето на советот на јавни обвинители и биографијата на Коцевски.
Во 1995 почнува како адвокат, а во 2008 влегува директно во вишото обвинителство во Гостивар. Пред две години е унапреден во републичкото обивнителство. Претседател е на дисциплинската комисија во обвинителство, член на управен одбор на академијата за судии и обвинители, а учествувал и во комисии за закони. За себе напишал дека е ажурен во работата како обвинител, способен за стручно разрешување на правни прашања и со професионален однос кон работата. И советот има слично мислење за него поради што смета дека ќе биде успешен.
„Советот наоѓа дека кандидатот Љупчо Коцевски со неговите досегашни резултати како адвокат и јавен обвинител, во досегашната долгогодишна кариера се истакнува со стручност и квалитет во работењето, углед и етичност достојни за почит, градење на добри меѓучовечки односи, личен ангажман за стручна надградба и усовршување, организаторски способности за раководење со јавното обвинителство и креирање на односи за успешно и ефикасно извршување и усовршување на целокупната работа на јавното обвинителство“, е мислењето на Совет на јавни обвинители.
За разлика од неговите против кандидатки Фатиме Фетаи и Лидија Раичевиќ, за Коцевски нема многу достапни информации во медиумите пред кандидатурата. Двете обвинителки не го поминаа филтерот на Советот кој на Раичевиќ и даде негативно мислење, а Фетаи отпадна поради некомпплетна документација. Не поднела уверение за деловна способност. Таа бараше институциите да ја преиспитаат ваквата одлука.
Со 61 глас добива Коцевски добива мандат од 6 години на чело на обвинителството во круцијален период кога се очекува битка со организираниот криминал. Во спротивно годинава се пензионира.