Поради здравствени проблеми на сведокот Стевица Јосифовски, денешното рочиште за предметот „Маџар телеком“ на Специјалното јавно обвинителство, се одложи за 8 мај, кога ќе сведочи професорот Борче Давитковски.
Сведокот Јосифовиќ ќе сведочи на 19 јуни по барање на обвинителката Лиле Стефанова, со образложение дека треба да се подготви за неговото сведочење, бидејќи истиот во 2009 година во Јавното обвинителство дал исказ дека во тек е независна внатрешна истрага одобрена од одборот на директори на компанијата, и нагласил дека по истрага ќе можел да се произнесе.
-При разгледувањето на документацијата од списите на ОЈО утврдив дека во предметот во копија се наоѓа статусен извештај за македонската фаза од независната истрага. Овој извештај бил доставен од „Вајт едн Кејс“ до ревизорниот комитет на Маџар Телеком и се однесува на договорите што се предмет на овој обвинителен акт, рече Стефанова.
Таа од полномошникот на Македонски телеком побара овој документ да биде обезбеден за наредното рочиште, а напомена дека тој е класифициран како доверлив, потребно е да се направи негова преквалификација.
Обвинителката Стефанова, на барањето на одбраната да се произнесе за нивниот предлог во предметот да сведочи поранешниот премиер Владо Бучковски, рече дека не е во можност да се произнесе на денешното рочиште, бидејќи како што појасни, треба да преземе дополнителни дејствија, посочувајќи дека Бучковски е осомничен во предистражна постапка на СЈО за предмет кој е поврзан со „Маџар телеком“.