Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека оние кои се обидуваат да ја ескалираат ситуацијата околу Украина до крајни граници очигледно не ги прочитале изјавите на претседателот на Русија Владимир Путин, но ќе добијат, како што рече, заслужена казна.
„Се чини дека оние кои сега се обидуваат да ги разгорат страстите и да ја ескалираат ситуацијата до крајност не ги прочитале изјавите на рускиот претседател. Но, тоа треба да се прави редовно. Постои израз како „во беспомошна злоба“ или „ од безнадежност“, но нема сомнеж дека тие ќе претрпат заслужена казна“, изјави Лавров за телевизијата „Русија 1“, пренесува РИА Новости.
Според него, непријателот решил да ескалира, бидејќи е лут поради својата немоќ.
Запрашан за ракетните напади со долг дострел на Западот врз Русија, министерот рече дека Специјалната воена операција е неизбежна и дека Путин детално зборувал за тоа во својот говор.
„Њујорк тајмс“ минатата недела објави дека некои неидентификувани западни функционери навестиле дека американскиот претседател Џозеф Бајден може да и даде нуклеарно оружје на Украина пред да ја напушти функцијата.
Украина го наследи нуклеарното оружје од Советскиот Сојуз по неговиот распад во 1991 година, но го врати според договорот од 1994 година, таканаречениот Будимпештански меморандум, во замена за безбедносни гаранции од Русија, САД и Велика Британија.