Франција и Италија нема да учествуваат во новата иницијатива на НАТО за финансирање на испораката на американско оружје во Украина, објавија „Политико“ и италијанскиот весник „Ла Стампа“, повикувајќи се на анонимни владини претставници од Рим и Париз.

Иако ја поддржува Украина, Франција одлучи да не учествува во планот, кој беше презентиран за време на состанокот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Вашингтон.

Според планот, НАТО би купил напредно американско оружје, вклучително и системи за воздушна одбрана, кое потоа би било доставено до Украина.

Според двајца француски функционери, Франција го отфрлила планот бидејќи претседателот Емануел Макрон се стреми да ја зајакне европската одбранбена индустрија и да купи оружје произведено во Европа. Франција се соочува и со буџетски ограничувања, како и со зголемени трошоци за одбрана.

Италија зазеде сличен став. Според „Ла Стампа“, италијанските функционери ја отфрлија можноста за директно купување американско оружје, наведувајќи ги фискалните ограничувања и фокусот на земјата на други воени технологии. Министерството за одбрана нагласи дека одлуката не треба да се толкува како недостаток на поддршка за Украина, туку како повик за наоѓање алтернативни начини за придонес во заедничките напори.

Италија моментално разгледува барање од НАТО за поддршка во логистичкиот транспорт на американско оружје до Украина, по воздушен, железнички или морски пат. Исто така, забележува дека нема да се „повлече“ од овој придонес. Сепак, точната природа и обем на овој италијански ангажман сè уште не се дефинирани.