Претседателот на каталонската влада Пере Арагонес денеска по повод националниот ден на Каталонија изјави дека е неопходно да се организира референдум за независност на таа автономна покраина на североистокот на Шпанија.
„Амнестијата не е и нема да биде крај на ништо. Тоа е единствениот неопходен чекор кон отворање на патот за референдумот“, изјави Арагонес во Барселона.
„Каталонија треба да одлучи за својата иднина, а таа ќе одлучи на референдум. Ние ја браниме на улица, во институциите и во преговорите“, додаде тој, обраќајќи се до шпанската влада, кралската куќа и судовите.
Амнестијата за организаторите на забранетиот референдум во 2017 година е услов под кој двете сепаратистички партии ќе му понудат поддршка на актуелниот шпански премиер Педро Санчез да формира влада и да остане на власт уште четири години.
Каталонската републиканска левица (ERC) на Арагонес и централно-десничарската партија Заедно за Каталонија (JxCat), предводена од поранешниот каталонски премиер во егзил, Карлес Пуџдемонт, може да добијат предност во парламентот.
На крајот на месецот ќе се гласа за новата влада, по нерешените избори одржани во јули во Шпанија, на кои ниту левиот ниту десниот блок не добија апсолутно мнозинство за формирање влада.
Левичарската влада на Шпанија претходно соопшти дека референдумот не може да се организира бидејќи е во спротивност со шпанскиот устав.
Каталонските организации кои бараат формирање на Република Каталонија денеска ги повикаа Арагонес и Пуџдемон да не даваат никаква поддршка доколку не им се понуди можност за независност. Организациите АНЦ и Омниум секоја година организираат маршеви на илјадници поддржувачи на независноста.
Во 17 часот и 14 минути, што е симболично потсетување на 1714 година, десетици илјади Каталонци го започнуваат традиционалниот марш низ Барселона.
На денешен ден, 11 септември 1714 година, Барселона падна во Војната за шпанско наследство, водена меѓу моќните европски семејства Бурбон и Хабсбург. Со победата на Филип V. Бурбонски, претходните сопствени закони на Кнежеството Каталонија беа укинати.
Сеќавањето на тој ден, денес познат како Диада, беше инициран во 1886 година од страна на Јосеп Нарцис Рока и Ферерас, еден од поборниците за будењето на каталонската национална свест, кога им се оддава почит на оние кои загинаа во таа битка.
Околу 7,5 милиони жители на Каталонија, која има свој парламент, влада, полиција и јазик, се поделени околу целосната независност. Сегашниот шпански крал Филип VI. е од семејството Бурбон.
Шпанскиот премиер Санчез им го честиташе на Каталонците денот Диада.
„Каталонија отвори нов пат на напредок, меѓусебно разбирање и соживот. Ова е моментот да се погледне кон иднината и напредокот“, рече тој преку социјалната мрежа Х, порано Твитер.
Истражувањето објавено во јули од страна на Каталонскиот центар за јавно мислење (CEO), управуван од регионалната влада, покажало дека 52 отсто од испитаниците се против одвојувањето од Шпанија, додека 42 отсто ја поддржуваат независноста.