Пакистанскиот премиер Имран Кан денеска на митинг изјави дека луѓе во земјата заговараат соборување на неговата влада и дека заговорот има странска поддршка, јави ДПА.

-Добивме закана во писмена форма и јас за тоа имам докази, рече Кан за време на обраќањето на митингот на приврзаниците на неговата партија Техрик-е-Инсаф (ПТИ) во главниот град.

Во внимателно формулираната изјава што ја прочита на крајот од неговото двочасовно обраќање, Кан соопшти дека од него било побарано да се повлече поради „национален интерес“, но не даде дополнителни детали за понудата.

-Нема да правиме компромиси за националните интереси, рече пакистанскиот премиер, пренесе ДПА.

Кан додаде дека знаел дека луѓето кои дејствуваат по налог на странски сили сакаат да ја соборат неговата влада и дека е свесен за сите детали и дека наскоро ќе ги објави во јавноста.

Во меѓувреме, десетици илјади активисти од неговата партија ПТИ маршираа низ Исламабад во знак на поддршка, пред гласањето за недоверба на владата, што се очекува следната недела.

Кан, кој во моментов се соочува со пребегнува на членови на неговата партија, денеска кажа дека се надева дека ќе победи на гласањето.

Опозицискиот сојуз предводен од партијата на поранешниот премиер Наваз Шариф го обвинува Кан за лошо владеење и затоа против него на 8 март почна парламентарен процес што може да доведе до негово соборување преку изгласување недоверба на владата.

Ниту еден пакистански премиер досега не го заврши својот мандат. Мандатот на Кан треба да трае до август 2023 година. Тој дојде на власт во 2018 година на националните избори што беа заматени со наводите дека бил поддржан од моќната војска во земјата, потсети германската агенција. (МИА)