Египет во вторникот го премина симболичниот праг на 100 милиони луѓе, а со демографскиот раст, се влошуваат и економските и социјалните проблеми.
Според египетската агенција за статистика (КАПМАС), скоро секој трет Египќанец живее под линијата на сиромаштија. Стапката на наталитет експлодира во земјата во последните 30 години, при што просечно се раѓаат 1 милион бебиња секоја година.
Според КАПМАС, во Египет едно дете се раѓа во просек на секои 17,9 секунди. Во последниве години, владата започна кампањи за сензибилизација на јавноста, како што се „Две деца се доволни“, но без никаква корист.
Претседателот Абдел Фатах ал Сиси, во 2017 година ја прогласи стапката на наталитет како една од двете најголеми закани за неговата земја, покрај тероризмот.
Официјалните лица неодамна предупредуваат повторно дека пренаселеноста е најголемиот предизвик на државата, што влијае врз националната безбедност. Египетската популација е млада и сиромашна, концентрирана во мал дел од територијата, кој зависи од реката Нил.
Повеќе од 60 проценти од граѓаните се на возраст под 30 години. По девалвацијата на националната валута, економските тешкотии се насобраа и инфлацијата драстично ја намали куповната моќ.
Пред 30 години, во 1990 година, имаше „само“ 57 милиони Египќани, речиси исто колку и жители на Франција во тоа време.
Десет милиони Египќани живеат во странство. Според Обединетите нации, Египет ќе има население од 120 милиони во 2030 година, ако не се воспостави ефективна политика.