Одделете доволно време за вашиот оброк. Секојдневно внесувајте повеќе од 400 грама зеленчук и овошје, најдобро во сурова состојба. Пијте многу вода. Водата е неопходна за сите функции во организмот.
Ова се само некои од препораките на експертите кои се секогаш добредојдени, не само за време на празниците. Уште подобро ако некому се или станат начин/култура на живеење.
– Консумирајте млеко и млечни производи со ниска содржина на масти и сол. Изберете посни меса, заменувајте ги често месото и месните производи со риба, пилешко месо и мешунки. Ограничете го вкупниот внес на масти, особено од животинско потекло. При готвењето, заменете ги мастите од животинско потекло со растителни масла. Ограничете го внесот на шеќер, шеќерни и слаткарски производи. Избегнувајте ги газираните пијалаци што содржат шеќер, вели проф. д-р Лидија Петрушевска-Този од Фармацевтскиот факултет.
Петрушевска-Този нагласува и дека е многу битно да се внимава при приготвувањето и чувањето на храната за да не се загуби квалитетот и да биде безбедна за консумирање.
– Со Организацијата на потрошувачи изготвивме Прирачник за правилна исхрана. Конкретно објаснуваме што значи правилна исхрана и како поздраво да се храниме. Најпрво би ја спомнала пирамидата на исхраната, која подразбира кои прехранбени производи и во кои количества треба да бидат застапени на трпезата секој ден. Во основата на пирамидата се житариците, компирите, тестенините, пченкарните производи и нивните преработки, кои во дневниот оброк треба да учествуваат со приближно 450 грама или 35-45 отсто. Овошјето и зеленчукот го претставуваат второто ниво. Богати се со витамини, минерали, антиоксиданси и диететски влакна. Минималниот дневен внес на овошје и зеленчук треба да биде 400 грама, при што овошјето учествува со 15 отсто, а зеленчукот со 20 проценти од дневниот внес. Следното ниво се млекото и млечните производи, месото, рибата и јајцата. Млекото и млечните производи со намалена содржина на масти се богати со калциум, а се сиромашни со заситени масти и холестерол и нивната употреба е поврзана со намалување на ризикот од заболувања на коските. На врвот на пирамидата се маслата, мастите, слатките и крекерите, кои учествуваат со пет проценти од вкупниот дневен енергетски внес. Тие претставуваат концентриран извор на енергија и затоа е потребно многу мало количество за балансирана исхрана, објаснува професорката.
Според неа, планирањето правилна и добро избалансирана исхрана има за цел да ги задоволи енергетските потреби на организмот и да ја подобри здравствената состојба на поединецот. За да се постигне ова, треба да се почитуваат веќе спомнатите општи препораки за правилна исхрана.
– Консумирањето различни видови хранa во оптимално количество ги обезбедува незаменливите хранливи состојки потребни за организмот, без вишок внесена енергија, масти, сол и шеќер. Редовната исхрана го спречува внесот на храна еднократно во големи количества и овозможува подобро варење, како и искористување на храната. Бавното јадење во пријатна атмосфера помага за подобро доживување на вкусот и мирисот на храната и правилно искористување на хранливите материи, истакнува Петрушевска-Този.
И во врска со лебот кој, како сè почесто да се избегнува во денешното „модерно време“, професорката има порака.
– Консумирајте зрнеста храна како важен извор на енергија. Одберете интегрален леб и други интегрални производи. Лебот и другата зрнеста храна се богати со скроб, кој е препорачлив извор на енергија, а содржат и значително количество растителни белковини. Богат извор на скроб се и компирите. Интегралниот леб и другата интегрална храна значајно придонесуваат за внесот на витамини, минерални материи и растителни влакна, како што е целулозата. Интегралната зрнеста храна ја стимулира функцијата на системот за варење и го намалува ризикот од појава на запек, срцевосадовни (кардиоваскуларни) заболувања и некои видови рак, потенцира Петрушевска-Този.
Прирачникот за правилна исхрана е достапен за секого во електронска форма на веб-страницата на Организацијата на потрошувачи.
На Клиниката за токсикологија по околу десет „прејадени“ пациенти за новогодишните и божиќните празници
Според директорот на Клиниката за токсикологија, Нагип Зумбери, за новогодишните и божиќните презници во просек доаѓаат по околу десет пациенти. Најчесто, седум – осум се буквално прејадени.
– За новогодишните празници речиси секоја година на Клиниката доаѓаат од седум до 12 пациенти. Се жалат на болки во желудникот најмногу поради претерано внесување мрсна храна. Некои имаат панкреатит, други гастрит. Најчестите симптоми се гадење, повраќање, болки во желудникот. Се дава генерално симптоматска терапија, за смирување болка, пациентите ако има потреба се рехидрираат и им се надоместуваат електролити, објаснува Зумбери.
Тој укажува да се води сметка при внесувањето храна посебно во овој период од годината кога сите сме по малку еуфорични.
Кон препораките за правилна исхрана, „се приклучува“ и не помалку важната: одржувајте здрава телесна тежина и бидете физички активни секој ден.
МИА