Премиерот Ковачевски и неговиот колега од Црна Гора Дритан Абазовиќ на втората панел дискусија порачаа дека никогаш појасни не биле пораките од стратешките партнери од ЕУ – дека до 2030 година е можно проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, но и дека ЕУ треба да сфати дека ако сака да има поголемо влијание треба повеќе да инвестира во регионот, за да се реализираат конкретни проекти и да се изгради инфраструктурата со што ќе се подобри и економијата, извести ТВ 24.
Премиерот на Косово,Албин Курти своето одделно обраќање го посвети на ситуацијата меѓу Белград и Приштина која ја нарече “проблематични времиња”.
Во своето видео обраќање генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг говореше за договорот од Преспа. Според него договорите како Преспанскиот се важен дел од меѓународниот поредок заснован врз правила, а таквите договори ја обезбедуваат слободата, овозможуваат напредок, отвораат перспективна иднина.
Западен Балкан го забрза својот пат за приклучување кон ЕУ смета претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.
Очекувањата од дводневниот Преспа форум се дека пораките кои беа испратени од Струга ќе го подобрат дијалогот меѓу државите и ќе ги забрзаат евроинтегративните процеси.