Европскиот суд за човекови права вчера донесе пресуда со која се утврди дека начинот на кој полицијата собира, обработува и чува ДНК материјал не е во согласност со членот 8 (правото на приватен и семеен живот) од Европската Конвенција за човековите слободи и права.
Пресудата се однесува на случај од 2013 година кога двајца жалители застапувани од правниот тим на Коалиција Маргини и ХОПС поднесоа жалба до ЕСЧП со наводи дека во октомври 2009 и февруари 2010 година, полицијата им земала примерок од ДНК без судска наредба и без нивна согласност под сомнение дека извршиле кривично дело.
Оваа пресуда, како што информираат од Коалиција Маргини, е исклучително важна за почитувањето на човековите права на граѓаните од страна на полицијата.
Според искуствата на Коалиција Маргини и ХОПС, во периодот кога се извршени повредите, полицијата имаше пракса на арбитрарно земање на ДНК примероци од луѓе што употребуваат дроги, прекршувајќи го нивното право на приватност.
Постапка пред домашните институции и пред ЕСЧП, како што е наведено во соопштението, е водена од страна на Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници МАРГИНИ и Здружение ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, а со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Од Коалиција Маргини апелираат пресудата на ЕСЧП да се почитува и да се спроведе во најкус можен рок, пред сé преку донесување јасна законска рамка за начинот на земање, обработка и чување ДНК примероци и прекинување на практиката на произволно земање ДНК примероци и унапредување на третманот кон луѓето кои употребуваат дроги од страна на полицијата.