Според официјалните податоци од Романската изборна комисија, врз основа на преброени гласови од 73 проценти од гласачките места, во вториот круг од претседателските избори, независниот кандидат и градоначалник на Букурешт, Никушор Дан, води со 52,03 проценти од гласовите.

Неговиот противник, евроскептичниот десничар Џорџе Симион, има 47,97 проценти поддршка од романските гласачи, објави Диги24.

По објавувањето на првите излезни анкети кои покажаа дека тој имал предност, Дан изјави дека „романското општество покажа импресивна сила“, додека Симион рече дека „според проценките на неговиот тим, тој има 400.000 гласови повеќе“ од Дан, објави Ројтерс.

Како што објави Диги24, излезноста на граѓаните ја надмина онаа од 2014 година, а експертите изјавија дека токму излезноста ќе го одреди новиот претседател на Романија.