На Молдавија ѝ претстои тешка зима, но ќе го надмине овој предизвик, изјави денеска претседателката Маја Санду на инаугурацијата на нејзиниот втор мандат.
Санду, која тесно победи на изборите во ноември, се соочува со потенцијална енергетска криза поради заканата дека Русија ќе го прекине снабдувањето со гас за малата источноевропска земја.
„Не е тајна дека зимата ќе биде тешка. Но, драги луѓе, ќе ја поминеме“, рече Санду на церемонијата во главниот град Кишињев.
„Бевме уценувани со гас, а сега со темнина, ова не е прв пат. Но светлината ќе надвладее, ние ќе победиме“, додаде таа.
Во нејзиниот прв мандат, Санду го сврте кормилото на Молдавија кон Европската унија и НАТО и подалеку од Москва, која управуваше со земјата за време на советската ера.
Санду постојано се залагаше за влез на Молдавија во ЕУ.
Се очекува Русија да ја прекине испораката на гас за Молдавија и нејзиниот отцепен регион Придњестровје од 1 јануари, кога истекува постоечкиот договор. Како резултат на тоа, Кишињев прогласи вонредна состојба на почетокот на овој месец.
Санду, која постојано се залагаше за влез на Молдавија во ЕУ, го доби својот втор мандат со помала разлика од нејзината прва изборна победа во 2020 година.
Овој пат таа го победи поранешниот главен обвинител кој беше поддржан од традиционално проруската партија, а изборите беа проследени со полемики за мешањето на Москва, што партијата го негира. Санду, која на крајот освои 55,33 отсто од вкупните гласови, победи само благодарение на силната поддршка од дијаспората. Во границите на земјата таа би загубила со мала разлика.