Тајван нема да потклекне пред притисокот од Кина и ќе го брани својот демократски начин на живот, рече претседателката Цаи Инг-вен во пркосен говор во услови на зголемени тензии околу островот.
– Колку повеќе постигнуваме, толку е поголем притисокот од Кина со кој се соочуваме, рече таа.
Нејзиниот говор за време на прославата на Националниот ден на Тајван дојде откако кинескиот претседател Си Џинпинг вети дека „ќе го исполни повторното обединување“, пишува Би-Би-Си.
Тајван се смета себеси за суверена држава, додека Кина го гледа Тајван како отцепена провинција.
Пекинг не ја отфрли можната употреба на сила за да се постигне обединување.
Кина испрати рекорден број воени авиони во тајванската зона за противвоздушна одбрана во последните денови. Некои аналитичари велат дека на летовите може да се гледа како на предупредување за тајванската претседателка пред Националниот.
Цаи беше реизбрана минатата година со ветување дека ќе му се спротивстави на Пекинг. Во денешниот говор, таа рече дека Тајван „стои на првите редови за одбрана на демократијата“
Таа рече дека островот нема „да дејствува набрзина“, туку ќе ја зајакне својата одбрана за „да се осигура дека никој не може да го присили Тајван да тргне по патот што Кина го постави за нас“.
Тој пат, рече таа, не нуди „ниту слободен и демократски начин на живот за Тајван, ниту суверенитет“ за неговите 23 милиони луѓе.
Кинеските воени летови до зоната на воздушната одбрана на Тајван сериозно ја погодија националната и воздухопловната безбедност, рече таа, и ситуацијата е „посложена и пофлуидна отколку во која било друга точка во последните 72 години“.
Цаи, исто така, ја повтори понудата за одржување рамноправни разговори со кинеските лидери, предлог што Пекинг – кој ја квалификува како „сепаратистка“ – досега го отфрли.
Нејзиниот говор беше придружен со прелетување на тајвански борбени авиони.