Прошетката со албанскиот претседател Бајрам Бегај и неговата сопруга Арманда низ охридските сокаци и разгледувањето на древните вредности коишто воодушевуваат со автентичноста и убавината, беше вистинско патување низ времето и богатата ризница на нашето исклучително и колоритно наследство, објави предмалку претседателката Гордана Силјановска Давкова на ФБ профилот.

„Посетивме неколку уникатни обележја, почнувајќи од чинарот, продолжувајќи со Алипашината џамија, потоа споменикот на св. Климент, куќата на Робевци, музејот на хартијата и црквата ,,Св. Софија” – секој од нив, траен симбол на духовноста, уметноста, традицијата и историјата.
Преку културниот дијалог ги зацврстуваме мостовите на зближување, довербата, пријателството, меѓусебното разбирање и соработка“, истакна претседателката Силјановска Давкова.