Чeшкиот претседател Петр Павел предупреди дека нарушувањето на воздушниот простор на земјите-членки на НАТО од страна на Русија значително ги зголемува тензиите во Европа и нагласи дека Aлијансата мора соодветно да одговори, не исклучувајќи ја можноста за соборување на руски авиони.
Во изјава за Чешката телевизија, Павел нагласи дека попуштањето не е опција, порачувајќи оти Русија ќе се однесува онака како што ќе ѝ дозволат НАТО сојузниците.
– НАТО мора соодветно да одговори, вклучувајќи и воен одговор. Русија многу брзо ќе сфати дека направила грешка и ги преминала прифатливите граници. За жал, ова е балансирање на работ на конфликт, но попуштањето пред злото едноставно не е можно, рече Павел.
Според него, соборувањето авиони е легитимен одбранбен механизам.
– Нарушувањето на воздушниот простор е причина за активирање на одбранбените механизми, а со тоа и соборување на таков авион. И никој, ниту од наша страна, ниту од руска страна, не би го сакал тоа, вели чешкиот претседател.
Причина за острите изјави на Павел и други претставници на државите од НАТО, е неодамнешниот инцидент што се случи кога три руски ловци МИГ-31 го нарушија воздушниот простор на Естонија. Тие останаа во естонскиот воздушен простор 12 минути, по што беа придружувани од борбени авиони на НАТО. Поради ова, Естонија побара консултации со НАТО, повикувајќи се на член 4 од Северноатлантскиот договор.