Претседателот на Мексико, Андрес Мануел Лопез Обрадор во писмо до американскиот колега, Џо Бајден, повторно понуди азил за основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.

– Му оставив писмо на претседателот за Асанж, каде објаснив дека тој не направил никакво сериозно злосторство, оти не предизвикал ничија смрт, не загрозил никакви човекови права, ја користел својата слобода и дека неговото апсење би значело трајна повреда на слободата на изразување, појасни Лопез Обрадор на прес-конференција.

Велика Британија во јуни одобри екстрадација на Асанж во САД, за да може да се соочи со кривичните обвиненија во врска со тоа што Викиликс објави доверливи американски воени записи и дипломатски депеши.

Претходно годинава Лопез Обрадор изјави дека му понудил азил на Асанж во писмо испратено до поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Минатиот месец, претседателот на Мексико го нарече Асанж „најдобар новинар во нашето време“.