Претставничкиот дом на СAД во кој мнозинство имаат демократите, не успеа да го поништи ветото на претседателот Доналд Трамп на резолуцијата што ја усвои Конгресот за укинување на вонредната состојба на јужната граница.
За поништување на ветото на Трамп, гласаа 248 членови, додека 181 беа против, што е 38 гласови помалку од потребното двотретинско мнозинство.
Трамп донесе одлука за вонредната состојба во февруари, тврдејќи дека постои гранична и хуманитарна криза што му овозможува да префрли 3,6 милијарди долари од други владини проекти за да плати за изградба на ѕид на границата на САД со Мексико.
Пентагон веќе му одобри една милијарда долари од воени извори за почеток на изградбата на новата бариера на американско-мексиканската граница.