Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денеска ќе гласа за закон, со кој ќе се обврзе Министерството за правда да ги објави материјалите за осудениот сексуален предатор Џефри Епштајн, јави „Си-би-ес њуз“ (CBS News).
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон го забрза гласањето откако повеќе од половината членови на Претставничкиот дом, вклучувајќи ги сите демократи и четворица републиканци, потпишаа петиција, со која се повикува на гласање.
Според „Си-би-ес њуз“, гласањето во Претставничкиот дом не е доволно за да се донесе законот. Законот ќе бара од федералните обвинители да ги објават сите недоверливи документи и записи, како и комуникациите и истражните материјали што ги чуваат Министерството за правда, ФБИ и канцеларијата на државниот обвинител, во рок од 30 дена од неговото донесување.
Од Министерството за правда ќе се бара да ги објави сите истражни информации поврзани со Епштајн и неговата соработничка Гилејн Максвел, информации за нивните патувања и за времето поминато во затвор на Епштајн и неговата смрт.
Со законот се бара и објавување на имињата на поединци и субјекти споменати во кој било случај поврзан со Епштајн, како и внатрешните комуникации на Министерството за правда поврзани со случајот.
Исто така се бара објавување на какви било информации поврзани со „уништување, бришење, менување или прикривање на документи, досиеја или електронски податоци“ поврзани со Епштајн и неговите соработници.
Но, „Си-би-ес њуз“ истакнува дека сè уште не е познато колку и кои документи ги поседува Министерството за правда, бидејќи Епштајн и Максвел беа предмет на неколку федерални истраги.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека ќе го потпише законот, ако биде изгласан во Претставничкиот дом и во Сенатот. Тој има овластување да му наложи на Министерството за правда да објави документи без гласање, но не навести дека планира да го направи тоа.
Американските демократи во Претставничкиот дом минатата недела објавија над 20.000 документи од архивата на Епштајн, кој во 2019 година во притвор изврши самоубиство, откако беше уапсен за сексуални злосторства. Додека неговата поранешна девојка Максвел отслужува 20-годишна казна за сексуална трговија со децa.




