Мисијата на ОБСЕ во Република Албанија, организираше консултативен состанок со претставници на асоцијациите на малцинствата со цел поттикнување на дијалогот, размена на перспективи и зајакнување на соработката.
Претставници од македонското и другите малцинства ги споделија своите искуства, предизвици и приоритети за унапредување на правата на малцинствата и социјалната инклузија.
На средбата македонското национално малцинство го претставуваа Ендрит Фетаху, потпретседател на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и проф. д-р Кимет Фетаху, почесен претседател на партијата и еден од најпознатите активисти за правата на Македонците во Албанија, по потекло од областа Голо Брдо.
-Размената на мислења и ставови помогна да се идентификуваат нови можности за соработка и да се изнајдат начини врз кои Мисијата на ОБСЕ во Република Албанија може да продолжи да ги поддржува еднаквите права, инклузивното учество и поефикасните механизми за заштита на сите национални малцинства во оваа земја, рече Ендрит Фетаху за МИА.




