Пилотот на американскиот борбен ловец Ф-16 Фалкон, што денеска се урна во југозападна Германија, преживеал и минал со мали повреди, јави ДПА.
Американскиот борбен авион се урна околу 3 часот попладнево за време на рутински тренажен лет, се наведува на сајтот на авиобазата „Спангдахлем“, во која авионот бил стациониран.
-Пилотот безбедно се катапултирал и минал со многу мали повреди, се наведува во првичните извештаи. „Армискиот штаб ќе ја испита причината за инцидентот“.
ДПА наведува дека пилотот е префрлен во болница.
Градоначалникот на локалната општина Земер изјави дека авионот се урнал во шумски реон. Полицијата во Трир соопшти дека местото на несреќата и нејзината околина биле затворени за пристап и обезбедени.
Засега нема информациии за можноста од било какви штети од инцидентот.
На локалното население не му било дозволено да пристапи до местото на инцидентот.
Инцидентот доаѓа на само четири месеци по судирот на два германски воени ловци во воздух, во североисточниот дел од земјата, во кој загина еден од двајцата пилоти.
Во авиобазата „Спангдахлем“ е стационаран 52-от ловечки Винг на американските воено-воздухопловни сили, со најмалку 24 ловци Ф-16. Во неа, исто така,се стационирани и околу 4.000 американски војници, јавува ДПА.