Ванеса Чапут уживала во трчањето на една од шумските патеки во канадскиот Јукон, кога налетала на четири мечки.
Таа со себе го зела својот миленик германскиот овчар Нино, кој инстинктивно почнал да лае, а потоа да ги брка дивите ѕверови. Така ѝ пропаднал планот на девојката незабележано да се извлече од неволја.
Реагирајќи на лаењето, мажјакот од два метри се втурнал кон 24-годишната Ванеса и ѝ ги забил канџите во грбот. Потоа ја гризнал за подлактицата и ѝ ја скршил коската.
Ванеса не сакала да се предаде, на ум ја имала својата двегодишна ќерка и сопругот Дејв, но не побегнала, пишува Дејли Меил.
Се сетила на она што го научила за мечките, па легнала неподвижна на земја, надевајќи се дека ѕверот ќе продолжи по својот пат.
Но, тоа не ја спасило. Кога животното сакало да ѝ ја гризне главата, шнолата на Ванеса му се вкопала во мекото ткиво и за момент застанало.
Таа го искористила за да избега и да стигне до автопатот, каде што нашла помош.
Набрзо завршила во болница, а лекарите ѝ констатирале сериозни повреди, меѓу кои и скршеница на десната рака и убодни рани по телото.
„Можете да налетате на мечка во Јукон, но не на четири. Мажјакот ме нападна, па се обидов да се качам на дрво. Пред да почнам да се качувам, ме зграпчи“, изјави таа за локалните медиуми.
Таа објасни дека нападот траел неколку минути, пред да успее да побегне.
„Се сеќавам дека ме каснаа за рака. Почувствував како канџи ми копаат во грбот, но не врескав. Ме гризна за глава, а шнолата го повреди. Не му се допадна. Потоа тргна кон кучето и тоа ми го спаси животот. Имав минута да тргнам да бегам“.
Ванеса завршила со повеќе од 30 конци по телото, а по 10 дена била пуштена на домашно лекување. Таа смета дека била многу среќна што е жива.
„Не сум лута на мечките, тие се насекаде во Јукон и не можете да ги избегнете“, заклучила таа.