По цели два месеца од кобната ноќ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на социјалните мрежи првпат се огласи Горан Тонев – младиот гитарист и пејач, еден од тројцата преживеани членови на музичката група „ДНК“. Заедно со Панчо и вокалистката Ана Костадиновска, тој успеа да ја преживее трагедијата што ја потресе цела Македонија.

Тонев објави фотографија од болницата на својот профил на „Фејсбук“, придружена со длабоко емотивно обраќање:

„Му благодарам на Бога што ми даде втора шанса, му благодарам на целиот персонал од болницата ,,Папаниколау”-Солун за неизмерната грижа и нега која ми ја пружија.

Исто така сакам да се заблагодарам и на персоналот во Кочани и Скопје. Голема благодарност за сите мои роднини и пријатели коишто се молеа за мене. Моите чувства се измешани, колку што сум среќен, толку сум и тажен за загубата на сите деца, а посебно за моите драги колеги и другари. Сочувство за сите фамилии.“