Презвитер Ивица ТОДОРОВ

Почитувани пријатели, соработници, браќа и сестри во Христа!

Времето што Творецот ни го подари во изминатата 2020 година беше преисполнето со предизвици, искушенија и тешкотии! Која е суштинската причина и цел на пандмијата се уште е мистерија, но, како и да е, одговорот може и да не го пронајдеме, но во едно сум сигурен, многумина во себе повторно ја пронајдоа човештината, солидарноста, разбирањето, Божјото водство и значењето на времето!

Многумина разбраа дека само времето посветено на Христос, постанува вечност! А како тоа ние времето му го посветувавме на Христос? Едноставно! Кога на болните им се помагаше! Кога збунетите и уплашените се утешуваа! Кога на повозрасните и бездомните им се помагаше со храна, со лек, со пријателски збор!

Многу од активностите на Движењето за организиарана духовна обнова на Македонија „ДОДОМА“ поради пандемијата беа сопрени, но љубовта, солидарноста, хуманоста, заедништвото, пријателството, подршката беа издигнати на највисоко ниво.

Стекнавме непроценливо искуство и сознание, како за самите себе си, така и за светот во кој живееме! Од 2020 година, па натаму, ништо не смее да остане како што беше. Грешките мора да се поправаат, онака ќе немаме шанса за следни!

Затоа во времето од Творецот подарено во новата 2021 година потребно е засилено да работиме на нашата промена кон добро, кон одговорни, зрели, љубовни, творечки, вистинољубиви чеда Божји!

Спомен денот на Раѓањето Христово, но и спомен денот на Неговото крштевање во водите на реката Јордан да не потсетат, но и духовно да не исполнат со сознанието дека Христос е Спасителот и Осмислителот на нашето време, на нашиот живот, на нашата смисла, на нашата надеж.

Без Христос времето од овој свет завршува со и во темнина, а со Христос, преку светлината на Духот Свет, времето од овој свет се влева во вечноста на совршеното постоење, се влева во владеењето, во присуството на беспочетниот наш Отец Небесен!

Божјиот благослов и Неговото водство да биде во нас и да делува преку нас!

Во Црквата да работиме на засилена духовна обнова и просвета!

Во народот македонски повторно да се врати почитта, довербата и насмевката.

Од нашата Македонија да ги изгониме црните отровни облаци кои не гушат со подла лага, неизлечива лакомост, егоистични сплетки, безбожни пропаганди, пресметлива себичност, необјаснива глупост, загрижувачка потреба за самоуништување…

Времето на 2021 година е пред нас! Да го исполнуваме со добро, а да не го празниме со зло!

Ваш во Христа, брат и слуга, презвитер Ивица Тодоров, претседател и духовен раководител на „ДОДОМА“ – Движење за организирана духовна обнова на Македонија