Отец Ивица ТОДОРОВ
·
„Возљуби го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум (со полнотата на својата личност); тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себе си (ако со полнотата на личноста го љубиме Творецот, ќе се љубиме и ќе се спознаеме себеси, а тогаш ќе бидеме подготвени да го љубиме и да се жртвуваме за ближниот)! “ (Матеј. 22, 37-40).

Овие две заповеди се врвот на Божјо откровение како во Стариот Завет, пред Христовото доаѓање, така и во Новиот Завет, по откупителната жртва Христова на крстот и Неговото воскресението! Некој може да каже дека овие две заповеди се многу едноставни нешта и дека нема ништо таинствено и сложено во нив! Но, непознавањето и непрактикувањето на овие “едноставни” заповеди можат, а тоа се случува почнувајќи од Адам и Ева па се до денес, да го направат нашиот живот подобен на адот, подобен на состојбата на директно бесмислено зло!

Насекаде околу нас, во нас самите и во нашиот однос кон ближните, ние сме сведоци на пројавата на злото, на таа болна антиљубовна состојба која секогаш има за цел да не оддели од ближните (егоистичен сепаратизам), да не оддели од Бог (духовно мртвило, промашување, грев), па и да не оддели од самите себе (шизофренија, во потесна и поширока смисла на зборот).

Во нашата душа, мисла, чувство, клетка го чувствуваме вознемирувањето, стегнатоста, неслободата, стравот и апсурдот кои се плод на злиот однос на некои луѓе кон нас. Но, исто така, од некои луѓе чувствуваме грижа, жртва, радост и внимание кои ни ја хранат и шират нашата личност и ни го осмислуваат и оживуваат животот.

И што е навистина љубовта?

Таа е живот, затоа што животот е нејзин највозвишен плод! Без љубов нема вистински живот, без ољубовен живот нема животоодржувачка љубов!

ЉУБОВТА, КАКО ХРАНА ЗА ПО ПАТОТ

Љубовта е состојба, двигател и храна која и овозможува на секоја личност во овој и ваков свет да ја оствари својата реализација, но, и да го стекне доживувањето и увидот во совршената состојба на постоење во „идниот век“, во Царството Божјо.

Таму и тогаш, во Царството Божјо, ќе се види и доживее полнотата и плодот на постоење во ЉУБОВ!

Но, коренот на дрвото што ќе го изнедри тамошниот плод се наоѓа во овој свет и во неговото време, а семето е вербата во нашата ДОВЕРБА во сето она што Творецот го направил, прави и го ветил за нас!
презвитер Ивица Тодоров
(од книгата „ПО ПАТОТ“)