Од Скопје, Штип и Свети Николе пристигнале пријави до „Гласен текстилец“ дека некои работодавачи не ги почитуваат вонредните мерки и препораките на Владата за работа во услови на високи температури. Ова пред се, се однесува на градежниот и текстилниот сектор, односно, за забраната за работа на отворено од 11.00 до 17.00 часот и при превозот на работниците.
– Автобусите се неклиматизирани, а одговорноста на работодавачите е до работното месо и од работното место до дома. Жал ми е што сообраќајната полиција не е повеќе присутна на терен за да види дека има претовар и дека безбедноста е мисловна именка во однос на организираниот превоз на работниците- изјави Кристина Ампева, ,,Гласен текстилец”- Штип.
Изминатите денови инспекторите се на терен и сите човечки ресурси на Државниот инспекторат за труд се насочени кон надзорите на градежната оператива, но забраната во услови за топлотен бран важи и за бремените жени и лицата над 60 години.
Само вчера инспекторите низ земјава извршиле вкупно 55 инспекциски надзори од кои 40 се вонредни, а 15 се контролни. Изречени се вкупно 13 инспекциски мерки и тоа девет решенија со наредба за почитување на препораките за превенција и заштита на работниците при работа во услови на топлотен бран и четири решенија за забрана за работа за утврдено непочитување на препораките, односно затекнување на активности каде работниците се директно изложени на високи температури.