Прилеп одбележа 111 години од погибијата на Пере Тошев, „совеста“ на македонската револуционерна организација –

Бил еден од основачите, но и раководител на Македонската револуционерна организација, го нарекувале „апостол и совест“ на револуционерна Македонија, а бил и директен учесник во македонското револуционерно движење како близок соработник на Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров. Денеска се навршуваат точно 111 години од погибијата на македонскиот национален револуционерен херој и просветен деец Пере Тошев, чии коски, веќе 27 години почиваат во дворот од црквата „Свето Благовештение“ во неговиот роден Прилеп.

„Искрено сум горд што во 1996 година од Дреновската клисура, токму овде, во дворот од најстарата црква во градот, во црквата „Св. Благовештение“ се донесени моштите на овој прилепски и македонски великан којшто е едно од најзначајните имиња во македонската историја“, – истакна Дејан Проданоски, претседател на Советот на општина Прилеп.

Инаку, во 1912 година, Пере Тошев, скршен од договорот за сојуз помеѓу Бугарија и Србија, а со кој Македонија била поделена на спорна и беспорна зона, тргнал од Софија за родниот Прилеп. На тој пат, бил убиен од турска заседа на 4-ти мај, во Дреновската клисура, на 47-годишна возраст. Откако бил убиен, Турците го исекле на парчиња и го закопале во каналот покрај патот. По пет дена, роднините го нашле телото на Пере Тошев, но Турците им забраниле да го погребаат во Прилеп. Па под засилен надзор на Турците, Пере Тошев бил погребан во дворот од црквата во селото Фариш се’ до 1996 година кога неговите посмртни останки биле префрлени во дворот од црквата „Св. Благовeштение“ во Прилеп каде се наоѓаат и денес.

Пере Тошев денес има споменик и во центарот од градот, а неговото име го носеше и Патриотското здружение, чиј претседател е Јане Ченто, а кој веќе шеста година е во затвор од вкупно досудените 15 години. Каролина Дурло?/ТВ АЛФА