Министрите за внатрешни работи на Македонија и Косово, Оливер Спасовски и Екрем Мустафа, потпишаа денеска во Приштина договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи на граѓаните од двете земји.
Како што јави МИА од Приштина, македонскиот министер по потпишувањето изјави дека денешниот договор е мошне значаен и дека најголема корист од него ќе имаат граѓаните на двете држави.
– Овој процес е започнат одамна и заврши со едно ново поглавје. Убедени сме дека овој чекор ќе ја унапреди соработката меѓу двете држави, изјави Спасовски.
Тој информира дека е потпишан и Меморандум за јакнење на соработката во областа на внатрешната контрола, при што нагласи дека меѓуграничната безбедност меѓу двете земји е стабилна, а ќе се интензивира уште повеќе размената на информации за спречување на организираниот криминал.
Според косовскиот министер Мустафа, со денешниот договор за признавање на возачките дозволи и со меморандумот се зголемува довербата меѓу двете земји во однос на документацијата и им се овозможува на граѓаните поголем комодитет при патувањето.
– Врските меѓу нашите две земји се цврсти, а ова е уште едно нивно квалитетно унапредување, изјави Мустафа.