Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка за 27-годишен скопјанец, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, се вели во соопштението на скопското обвинителство.
– Дрогата била пронајдена од полициски службеници кои на автобуска постојка во Хиподром извршиле личен претрес на осомничениот и на возилото Опел Вектра кое го управувал. Пронајдени биле повеќе паковки со наркотична дрога марихуана, два шприца со течна материја и една дигитална вага со остатоци од дрога. Овластени службени лица извршиле претрес и во домот на осомничениот во скопско Булачани, каде била пронајдена лабараторија за производство на наркотична дрога марихуана, потенцираат од Јавното обвинителство.
Воедно од скопското обвинителство информираат дека осомничениот ја набавил опремата и самиот ја инсталирал со цел неовластено да произведува, а потоа и да продава дрога.
– Заедно со опремата, биле пронајдени повеќе паковки со дрога, две кутии со семиња од растението канабис, како и 69 саксии со засадено растение канабис, наведуваат од скопското обвинителство.
Заедно со донесената Наредба за спроведување истражна постапка, јавниот обвинител достави предлог до судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје за определување на мерката притвор на осомничениот, бидејќи постојат основи дека осомничениот ќе се даде во бегство и дека ќе го повтори кривичното дело. Судот овој предлог го зема предвид и донесе решение со кое ја определи предложената мерка, во траење од 30 дена.